Советот за стабилизација и асоцијација на Република Македонија и Европската унија денеска во Брисел ќе го одржи 14. состанок.
На состанокот се очекува да бидат разгледани теми за односите меѓу Македонија и ЕУ во рамки на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, подготовките и предизвиците кои произлегуваат од временската рамка за почеток на преговорите, која неодамна ја усвои Советот на Европската Унија, како и останати теми поврзани со европските интеграции на Македонија.
Со годинешниот состанок ќе претседава високата претставничка на ЕУ и потпретседателката на Европската Комисија, Федерика Могерини, а во делегацијата на ЕУ е и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Копретседавач ќе биде македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, а ќе учествува и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и ЕУ, како највисока форма на институционална соработка меѓу двете страни, заседава на годишна основа.
Првиот состанок беше одржан на 14 септември 2004 година. Состаноците, традиционално, се одржуваат во Брисел.
Извор:МИА