„Нашите браќа од Република Северна Македонија треба да станат членови на ЕУ, но тоа мора да биде со искоренување на антибугарската реторика, говорот на омраза и со објективно признавање на историската вистина“…
Ова вчера го изјави бугарскиот претседател Румен Радев. Претходно и другите високи бугарски функционери осудија говор на омраза, па дури побараа и казни. Бугарската министерка за надворешни работи рече дека „во Македонија систематски се поттикнува говор на омраза кон Бугарија“, па дури и спомена дека во последните месеци регистрирале повеќе од 10.000 негативни примери на говор на омраза кон Бугарија, а не кажа колку такви примери биле од Бугарија кон Македонија.
Неверојатно! Главните потпалувачи и поттикнувачи на говорот на омраза осудуват говор на омраза и бараат казни. Ако некој треба да биде казнет, и тоа дебело, тоа се токму тие. Колку ли тешки навреди упатија највисоките бугарски раководители само во последните месеци кон Македонија, македонскиот народ, идентитет, јазик, македонското малцинство во Бугарија, за кое велат дека го нема…
Кој нормален би можел да го издржи тоа? Како би им било на Бугарите, ако Македонија, на пример, беше членка на ЕУ пред Бугарија, па сега на најпримитивен начин да ја уценува Бугарија. На пример, министерот за надворешни да велеше „во Бугарија од безмалку седум милиони жители, живеат два милиона Македонци, 1,5 милион Турци, милион Роми, еден милион други…“. Македонскиот премиер да изјавува оти „Бугарите се насилно преобратени Македонци“, а македонскиот претседател – „Бугарија мора да ја признае ’објективната историска вистина’, Бугарите ги измисли Живков, а тие зборуваат дијалект на македонскиот јазик“…
Но, тоа што ни’ се случува(ше) и со Грција и со Бугарија никако не смее да не’ изненадува. Нашите почитувани соседи со векови си ги гледаат интересите. Проблемот, сепак, си е кај нас. Доцна ги учиме лекциите.
(Љ.Ш.)