„Образование надвор од мрежата” – краток документарец за пристапот до образование во време на пандемија – ММС
ММС

Објавено на: 12/7/20 5:34 PM

„Образование надвор од мрежата” – краток документарец за пристапот до образование во време на пандемија

„Образование надвор од мрежата” е насловен краткиот документарен филм во продукција на „Види Вака”, четврти во серијата од шест мултимедијални приказни за граѓани кои се соочуваат со некакви предизвици во време на пандемијата предизвикана од Ковид-19.

Мите и Катерина Драгишевски се ученици кои живеат во кумановското село Стрновац. Тие секојдневно се соочуваат со потешкотии со учењето, поради лошата интернет-конекција и немањето сопствен компјутер. Главниот протагонист во приказната, го истакнува своето гледиште околу далечинското образование.

– Филмот   „Образование надвор од мрежата”  почнува со желбата на Мите некој да му даде лаптоп за да ја следи наставата, а штом заврши пандемијата, веднаш ќе му го врати компјутерот. По објавата на документарецот, редакцијата на „Види Вака” доби стотици пораки со желби за донирање компјутер, парична и друг вид помош, соопшти продукцијата.

Автор на филмот е новинарот Сунаи Сабриоски, а директор на фотографијата е Крсте Шупев. Продуценти се Мите Кузевски и Горан Игиќ.

Продукцијата ги повикува граѓаните кои сакаат да помогнат на деца без компјутери, да се поврзат со Борче Стаменов од „Донирај компјутер” кој веќе има листа на деца на кои им се потребни.

Тимот на „Види Вака” соопшти дека ќе продолжи да ги покрива темите кои ги засегаат ранливите и маргинализираните групи и да поттикнува унапредување на човековите права преку медиумски содржини.