Во Казахстан, каде што традицијата за лов со орли, старa три илјади години, стана спортска гранка, се одржа невообичаен Традиционален турнир на орли Сонар-2020, јавува aгенцијаta Анадолија (AA).
На турнирот, кој го организираше Унијата за етноспортови на Казахстан, учествуваа вкупно 50 ловци на орли од десет држави.
Турнирот, организиран во провинцијата Алмати, се одржа без присуство на публика поради пандемијата на коронавирусот.
На првиот ден од турнирот беа презентирани способностите на орлите, како летање до 500 метри и приспособување на наредбите и упатствата. Вториот ден учесниците се натпреваруваа во вештините за лов на орли.
Орелот по име Нарин улови лисица за 16 секунди и со тоа му го донесе првото место на неговиот сопственик Арман Кушкаров.
Кушкаров, кој по 12. пат беше избран за најдобар ловец со орли, за АА изјави дека традицијата за лов на орли во Казахстан има долга историја од дури три илјади години.
„Ловот на орли кај нас е свет повик. Скротувањето и дресурата на орлите не е нималку лесна работа“, рече Кушкаров, кој досега обучил шест орли за лов.
„Работиме со два вида орли. Еден е кога ќе го земеме орелот од гнездото додека е сè уште мал и го учиме да лета. Другиот начин е да се земе орел, стар 4 до 7 години, од дивината. Овие орли не ги дресираме, туку само стануваме пријатели со нив.“
Потсетува на тоа дека орлите обично се гнездат на високи места.
„Кога го земаме орелот од гнездото, гледаме кои животни ги лови неговата мајка. Ако лови големи животни како волк или лисица, земаме млади орли, а ако лови мали животни како зајаци и желки, тогаш не земаме орли од тоа гнездо“, рече Кушкаров.
Истакна дека откако е прифатена како спортска гранка, традицијата за лов на орли станала широко распространета во Казахстан, а бројот на ловци на орли се зголемил од четири на дури 400 од независноста на Казахстан во 1991 година.
Претседателот на Унијата на етноспортови, Рахат Џаксибај, за АА истакна дека според мислењето на историчарите, Казахстан е првата земја во светот во којашто орлите се припитомени.
„Ловот на орли е дел од нашата култура и нашиот идентитет. На нашето знаме има симбол на орел“, рече Џаксибај и потсети дека само во Казахстан ловот на орли е прифатен како спортска гранка.
Истакна дека нивната цел е со турнирите да го заштитат ловот на орли како спортска дисциплина.
„Исто така, имаме многу блиска соработка со Светската конфедерација на етноспортови“, рече на крајот Џаксибај.