На првиот постизборен митинг, Трамп повторно тврди дека е победник – ММС
ММС

Објавено на: 12/6/20 1:16 PM

На првиот постизборен митинг, Трамп повторно тврди дека е победник

Американскиот претседател во заминување Доналд Трамп, се уште тврди дека изборите во САД биле наместени. Тој неговите ставови повторно ги повтори за време на кампањата на републиканските сенатори кои се натпреваруваат со демократите во вториот изборен круг кој одлучува која партија ќе ја има контролата во Сенатот.

– Знаете дека победивме во Џорџија, само да повторам, изјавил Трамп синоќа на својот прв постизборен митинг, а пренесува Гласот на Америка.

Трамп продолжи да изнесува недокажани тврдења за кражба на изборите и ги предупреди гласачите дека ќе направат грешка доколку не гласаат на вториот круг на изборите за Сенатот, на 5. Јануари.

– Ако им дозволите повторно да ја украдат Џорџија, никогаш нема да можете да се погледнете во огледало. Лажеа и ги наместија изборите, но ние сепаќ ќе победиме. Ќе пробаат да ги наместат и овие избори, изјави Трамп.

На републиканците им е потребно уште едно место за да го зачува мнозинството во Сенатот.

Републиканскиот сенатор Дејвид Пердју мора да го победи Џон Ософ во вториот круг, а републиканската сенаторка Кели Лефлер мора да го победи Рафаел Ворнок кој и е сериозен противник.

Доколку републиканците ги изгубат двете трки и се доведат до 50-50 ситуација во Сенатот, демократската потпретседателка Камала Харис би била одлучувачкиот глас.

Бајден го победи Трамп во Џорџија со разлика помала од 12.000 гласови, но во петокот изборниот штаб на Трамп поднесе тужба и побара да се поништат резултатите во државата.