Во Хрватска ќе се казнува за неправилно носење на маска – ММС
ММС

Објавено на: 12/6/20 12:00 PM

Во Хрватска ќе се казнува за неправилно носење на маска

Хрватска од викендов започнува со казнување на прекршителите на епидемиолошките мерки. Се казнува за неносење маски онаму каде што е задолжително, но и за неправилно носење на маските. Казните за физички лица се во висина од 65 евра.

Според хрватскиот завод за јавно здравје, неправилното носење на маска значи непокриена уста или нос. Маските исто така треба да се заменат доколку се водени и да не се фаќаат за време на носењето.

Ваквите измени во Законот за заштита на населението од зарљазни болести дојдоа откако значително се влоши епидемиолошката состојба во Хрватска.

Со новите измени ќе се казнуваат и сопственици на приватни имоти кои организираат веселби или дозволуваат приватни собири, а казната ќе биде од 650 до 1300 евра. Мерките ќе ги спроведува полицијата, цивилната заштита и инспекторите од Државниот инспекторат.

Правните лица кои не ги почитуваат епидемиолошките мерки ќе се казнуваат со казни од 1300 до 5200 евра.

Во последното деноноќие во Хрватска се потврдени 2899 нови случаи на коронавирус, а 72 лица починале. Во моментот има 24.495 активни случаи.