По еднонеделниот престој на Одделот за интензивна нега при Клиниката за детски болести, малиот Лука од денес ќе се лекува на Институтот „Џанина Џаслини“ во Џенова, Италија. Животот прерано направил борец од ова дете, кое иако има само седумнаесет месеци, веќе треба да оди на операција што ќе ја направат италијанските доктори.
Специјалниот медицински тим од Институтот „Џанина Џаслини“ на чело со директорот Андреа Москатели го транспортираше Лука од Скопје, по претходни подготовки од нашите доктори предводени од директорката на Детската клиника, Аспазија Софијанова.
Специјален медицински тим од Институтот “Џанина Џаслини” од Џенова – Италија, денеска од Универзитетската клиника за…
Posted by Detska Klinika on Saturday, December 5, 2020
Во разговор за Македонски медиа сервис, Софијанова раскажа за клиничката слика на малечкиот јунак, но и за нејзините прогнози во однос на неговото опоравување.
„Лука има само 17 месеци и боледува од една извонредно комплексна дијагноза – тумор на црниот дроб. Дојде до влошување на состојбата поради зголемување на туморот, па детето се симна на Одделот за интензивна и тука престојуваше повеќе од една недела. Опцијата за неговото лекување беше да се направи оперативен зафат, за кој никој не се нафати бидејќи требаше во исто време како што ќе се извади зафатениот дел од црниот дроб со туморот, да се трансплантира нов дел. Таму каде што оди сега детето, тоа ќе се направи во еден акт. Ќе се извади и ќе се стави ново парче од црн дроб, што ние го викаме трансплантација на тој дел“, објаснува Софијанова.
Таа со воодушевување зборува за професионалноста на нејзините италијански колеги. Вели дека дошле за кусо време и практично, во Скопје донеле една мобилна болница, каква што се прикажува во филмовите ширум светот.
„Детето лежеше на мојот Оддел и ние коопериравме, праќавме дописи со кои информиравме што се случува со детето. Буквално знаеја се’ и буквално целата мобилна нивна болница ја донесоа овде. Ние заедно со целиот колектив, вклучувајќи ги сестрите и дежурната докторка имавме прилика да го следиме целиот процес на подготовка на едно дете во ваква тешка состојба“, вели д-р Софијанова и додава:
Андреа Москатели, директорот на неонатолошката болница ” Џанина Џаслини” и на одделението за интензивна нега, е лекарот…
Posted by Detska Klinika on Saturday, December 5, 2020
„Колегите беа многу задоволни од она што го видоа. Ние сме подготвени, не сме за потфрлување, но сепак има уште доста работи кои треба да се воведат. И самиот директор кажа дека е навистина воодушевен од тоа што го гледа, дека имаме можности да ги зголемиме нашите ресурси и навистина да се приближиме кон Европа. Европа веќе дојде кај нас денес и покажа дека заедничката колаборација која е практично направена меѓу мене и него како двајца директори ќе ја правиме во иднина“, додава таа за ММС.
Софијанова откри дека со целиот процес претходно бил запознаен и ресорниот министер, Венко Филипче со чие одобрение се случил целиот транспорт, по што лекувањето на Лука треба да продолжи во странската држава. Директорката потенцира дека малиот пациент почнал да прима хемотерапија во Скопје, но сега преостанува на лекарскиот конзилиум во Италија да се донесе одлука за неговото понатамошно лекување.
„Според директорот, онколозите таму сепак ќе направат некоја кратка терапија за намалување на огромниот тумор кој зафаќа шест седмини од целокупниот орган. Ќе се потрудат и најверојатно ќе дадат некоја кратка терапија со цел малку да се намали туморот, а потоа ќе пристапат кон операција односно трансплантација.Кога ќе се врати детето од Италија, доколку има потреба, сигурно пак ќе биде примено на Клиниката во Скопје. Нашата Клиника се отвора максимално, ако треба дополнителна терапија, сигурно ќе ја спроведеме кај нас“, ни кажа Софијанова.
За себе тврди дека е голем оптимист и кај неа не постои „не може“. Треба да се има
добра волја, да се има јака издржливост – смета таа.
„Таков ми е карактерот и тоа ќе го спроведам на сите оддели на клиниката, ние сме обврзани пред Хипократ да се бориме. Тоа е нашата улога како лекари, особено како педијатри“, ни изјави Софијанова, која ја прашавме какви емоции и’ будат ваквите ситуации во кои има деца кои се онколошки пациенти.
Во Џенова-Италија безбедно слета авионот со специјалениот медицински тим од Институтот “Џанина Џаслини” кој денеска…
Posted by Detska Klinika on Saturday, December 5, 2020
-Јас и сега имам емоции кога разговарам, но додека работам сум професионалец и тоа е дел од мојата животна школа. Работите во интерес на родителите, но на крајот на денот кога ќе заврши приказната и кога ќе легнете си велите „што би било доколку би биле вие во таа приказна. Затоа секоја приказна треба да се решава со оптимизам. Никогаш не знаете каква приказна може да ви дојде во животот, но тоа го размислувате откако прво сте помогнале – заклучува докторката.
Андреа Москатели, директорот на неонатолошката болница “Џанина Џаслини” и на одделението за интензивна нега, е лекарот кој го однесе нашето дете во болницата во Италија. Тој, преку Детската клиника, порача дека се радува што може да помогне и дека е воодушевен од професионалноста на македонските лекари од Клиниката за детски болести.
– Соработката е многу важна, да учиме едни од други, на крајот на денот децата се најважни, изјавил лекарот Москатели.
Малиот Лука веќе стаса во Италија. На страната на Детска клиника јавноста е веќе иноформирана за овој подвиг, а главната цел е да се спаси животот на дете, кое штотуку почнало да живее. Граѓаните му посакаа поскоро опоравување на момченцето.
„Браво, поклон до земја, жив и здрав да ни се вратиш Лука“ – се само дел од коментарите на граѓаните.
Вања Мицевска