Осумдесет хектари уништени во Могила од невремето, земјоделците почнаа со пријавување штети – ММС
ММС

Објавено на: 07/12/18 2:02 PM

Осумдесет хектари уништени во Могила од невремето, земјоделците почнаа со пријавување штети

Земјоделците од четирите села во Општина Могила кои беа зафатени од невреме минатиот викенд, можат да започнат со поднесување барања за обештетување на посевите. Невремето погоди четири села, Долно Српци, Вашарејца, Беранци и Ивањевци, а се работи за површина од околу 80 хектари.

-Ова не е првпат да се случи ваква непогода во Општина Могила, се случува скоро секоја година, скоро 5-6 години наназад. Комисијата излегувала вршела проценки, но до ден денес мислам дека никој не е обештетен – вели Александар Јанкуловски, претседател на Советот на Општина Могила.

Од општина Могила апелираат земјоделците попрецизно да ги обележат парцелите, но и да се организираат заедно по местата со цел општинската комисија побрзо да ги направи проценките. Откако земјоделците ќе ги поднесат барањата, после вторник наредната недела, комисијата ќе излезе на терен. Проценката на оваа комисија ќе биде првична, а потоа ќе се чека од министерствата и бирото за судско вештачење за да дадат завршна проценка.

Едно од решенијата за ваквите состојби е осигурувањето на посевите, но дел од земјоделците се соочувале со проблеми.

-Дел од земјоделците имаат навика да осигуруваат, но осигурителните компании имаше некој проблем, не сакаа да издаваат, а ова се случуваше 30-тина дена наназад. Не сакале бидејќи имале многу пријави за штети во ресенско и други делови од државата, вели Јанкуловски.

Крајниот рок за поднесување на барањата е 16 јули, а се очекува да се поднесат околу 200 барања.

Овој регион беше погоден од невреме и пред 20 дена кога најпогодени беа Могила и Радобор.