Денеска во храмот „Успение на Пресвета Богородица” во Делчево се служеше божествена литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот Брегалнички г.Иларион. Денешниот празник, како што истакна владиката Иларион е посветен на Мајката Божја која по влегувањето во храмот се здоби со Божјата промисла.
-Денеска го славиме нејзиното воведување во храмот, како што знаеме од учењето на црквата нејзините родители кои беа возрасни и праведни Бог ги помилува и им даде рожба по што и самите ветија дека кога ќе наполни три години ќе ја воведат во храмот и ќе ја посветат на Бога. Токму тоа однесување во храмот е денешното празнување, односно нејзиното воведување во храмот божји и по божја промисла влезе во најсветиот дел од храмот и како претсткажување дека таму ќе се смести во неа вечниот Бог и спасител на човечкиот род, истакна Владиката Иларион.
Владиката им посака на верниците Мајката Божја да се бори за сите луѓе, да им подари душевно и телесно здравје да го сочува целиот род од целото ова искушение кое е допуштено од Бога за да верниците да се доближат и повторно да застанат пред Бога.
По одржувањето на литургијата верниците кои ги почнаа Божиќните пости имаа причест во црквата. Литургијата се одржа со почитување на протколите за заштита од Ковид-19 вирусот.
Валери Спасевски