Бајден побара од Фаучи да продолжи со својата работа како дел од неговиот тим – ММС
ММС

Објавено на: 12/4/20 9:49 AM

Бајден побара од Фаучи да продолжи со својата работа како дел од неговиот тим

Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден изјави дека го замолил д-р Ентони Фаучи, директорот на Националниот институт за алергија и инфективни болести, да продолжи со својата работа како дел од неговата администрација, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Го замолив да остане во истата улога што ја имаше за време на поранешните неколку претседатели и да биде главен медицински советник за мене, и дел од Ковид-тимот“, изјави Бајден за „Си-ен-ен“ (CNN).

„Фаучи разговараше со Бајден и со членовите на неговиот транзициски тим вчера попладне“, објави телевизиската мрежа. Највисокиот здравствен претставник првично разговараше со соработниците на Бајден, меѓу кои и Рон Клеин, неговиот избор за раководител на персоналот на Белата куќа.

Фаучи го води Националниот институт за алергија и инфективни болести од 1984 година и работеше за шест претседатели на САД.

Во јануари, тој беше избран за член на Работната група на претседателот Доналд Трамп, формирана за следење, спречување и ублажување на ширењето на коронавирусот.

Фаучи и Трамп немаа ист став во однос на одговорот против овој вирус, бидејќи Фаучи во повеќе наврати апелираше до Американците да останат дома и да носат маски.

Веста за Фаучи дојде во услови кога земјата продолжува да пријавува уште поголем број случаи и хоспитализации, и кога двете кандидати за вакцини чекаат од американската Администрација за храна и лекови одобрение за итна употреба.

Американската биотехнолошка компнија „Модерна“ планира да стави на располагање 20 милиони дози до крајот на годината, а планира да произведе од 500 милиони до 1 милијарда дози на глобално ниво во 2021 година.

Администрацијата на Трамп нарача 100 милиони дози од американската фармацевтска компанија „Фајзер“ и нејзиниот германски партнер „БајонНТех“, како дел од својата акција за добивање вакцина против Ковид-19 за Американците.