Малите депонии создадени од низа отпадоци во Клиничкиот центар во Скопје, утре ќе бидат исчистени од дел од уметниците во земјава.
Веќе извесно време, никој не го чисти ѓубрето од дворот на интерните клиники, а состојбата е влошена откако истекол договорот со приватната компанија која ги одржувала надворешните површини. Организирајќи се преку социјалната мрежа Фејсбук, уметниците денеска решија да ги преземат работите во своите раце.
Тие најавија дека акцијата за чистење ќе започне утре во 10 часот пред влезот на Клинички центар. Најавуваат дека ќе носат црни ќеси и ракавици, но ги повикуваат своите колеги кои сакаат да им се придружат да земат и нешто дополнително.
Завчера, по своја иницијатива, ѓубрето го чистеле средношколци од Холандија, кои биле ангажирани да ги украсуваат ѕидовите во Детска клиника.