Дескоска: Изборот на ДИК не смее да биде условуван со амнестии или други закони – ММС
ММС

Објавено на: 07/12/18 11:43 AM

Дескоска: Изборот на ДИК не смее да биде условуван со амнестии или други закони

 

Изборот на Државната изборна комисија не смее да биде во пакет со никакви амнестии за технички и пржински влади. Ова е ставот на министерката за правда, Рената Дескоска, според која одолговлекувањето би можело да доведе до ситуација во која новиот состав на комисијата би бил неподготвен за спроведување на претстојниот референдум за договорот со Грција.

„Нам ни требаат институции кои функционираат особено во најава на претстојниот референдум. Секое доцнење со формирање на Комисијата може да значи и недоволна подготвеност новоизбраните членови да ги спроведат сите активности што се неопходни“, изјави денеска Дескоска која одби да ги коментира барањата на опозицијата, бидејќи како што рече, не е дел од преговарачките тимови.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери вчера ги повика партиите да ги достават нивните предлози за членови на ДИК, чиј состав не би можел да се обезбеди без меѓупартиски договор зашто членовите се избираат со 2/3 мнозинство. Ова  значи дека неопходни се гласови од мнозинството  во законодавниот дом, но и од опозицијата, која за да го одблокира изборот на новиот состав на ДИК бара да се врати концептот на преодна влада кој беше договорен во Пржино – во екот на политичката криза во државата.