ДПИ: 18 прекршочни пријави и две решенија за угостителски објекти од Гостивар – ММС
ММС

Објавено на: 12/3/20 3:04 PM

ДПИ: 18 прекршочни пријави и две решенија за угостителски објекти од Гостивар

Во периодот од 23 до 29 ти ноември од страна на седумте инспекциски служби  се извршени 40 080 контроли, информира Инспекцисниот совет.

Државниот пазарен инспекторат извршл 2635 контроли и 462 надзори поврзани со материјалните закони и здравстевните протоколи за работа на угостителските објекти, при тоа поднесени се 18 прекршочни пријави, 31 прекршочен платен налог и 54 решенија. Од овие 54 решенија, две се донесени согласно законот за заштита на населението од заразни болести и се однесуваат на два угостителски објекти од Гостивар кои не го почитувале протоколот во делот на ограничен број на гости на маса поради што им е изречена забрана за работа и соодветна глоба за правното лице и за одговорното лице во правното лице.

Во истиот период ДСЗИ извршил 80 надзори, а издадени се 12 218 решенија за изолација и домашно лекување за лица кои се заболени од Ковид 19 и лица кои биле во контакт со заболени, и дополнително се издадени девет решенија за констатирање на неправилности.

Државниот инспекторат за транспорт во изминатите седум дена извршил 43 надзори, при што изречени се осум прекршочни пријави, седум решенија и еден платен налог за прекршување на материјалните закони. Од извршените надзори по основ на законот за заштита на население од заразни болести, не се констатирани прекршувања на законот и на протоколите за превоз на патници.

Агенцијата за лекови и медицински помагала во истиот период извршила 28 надзори во аптеки, по основ на почитување на мерките и издавањето на антибиотици, при што е изречено едно решение согласно законот за лекови и медицински средства.

Државниот инспекторат за труд спровел 501 надзор во правни субјекти на територија на целата држава со фокус на почитување на протоколите во насока на здравјето на работниците. При овие надзори од страна на трудовите инспектори изречени се 26 решенија согласно материјалните закони, а дополнително изречени се шест платни налози заради не носење на заштитна маска за лица во работниот простор во Ресен и Битола.

Агенцијата за храна и ветеринарство спроведе 331 надзор, при тоа издадени се пет решенија, еден платен налог и извршени 22 едукации поради констатирани неправилности кои се однесуваат на неизвршени здравствени прегледи, неспроведување на општи хигиенски мерки, неправилно складирање и чување на прозиводи и неправилно означување на производите.

Инспекторатот за животна средина и природа изврши 53 инспекциски надзори, од кои десет во правни субјекти кои поседуваат А интегрирани еколошки дозволи, 38 во правни субјекти кои поседуваат елаборати за заштита на животна средина и четири инспекциски надзори на нестандарни комунални депонии. При тоа издадени се 16 решенија со корективни мерки за правни субјекти кои поседуваат А интегрирани еколошки дозволи и за правни субјекти кои поседуваат елаборати за заштита на животната средина. Во текот на викендот овој инспекторат во Тетово, Куманово и Кавадарци во кои што градови беше надминат прагот на алармирање на загадување на воздухот изврши 17 вонредни надзори.

Г.Д