Поранешните претседатели на Соединетите Американски Држави (САД) соопштија дека се подготвени доброволно да се вакцинираат против новиот вид коронавирус (Ковид-19) пред камери, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на „Си-ен-ен“ (CNN), поранешните претседатели Барак Обама, Џорџ Буш и Бил Клинтон истакнале дека вакцината која ќе ја одобри американската Администрација за храна и лекови (FDA) против Ковид-19 ќе ја примат пред камера.
Се наведува дека Обама, Буш и Клинтон истакнале дека со вакцинацијата пред камерите имаат за цел да ја подигнат свеста кај јавноста и да докажат дека вакцината е сигурна.
Обама, во изјавата за радиоканалот „SiriusXM“ истакна дека претходно работел со доктор Антони Фаучи, директорот на Националниот институт за алергија и заразни болести на САД и дека има доверба во него.
Наведувајќи дека веднаш ќе ја прими вакцината за која Фаучи ќе изјави дека е безбедна, Обамa рече дека тоа ќе го стори на телевизиските екрани или пак вакцинацијата ќе се снима.
Шефот на Кабинетот на Буш, Фреди Форд, истакна дека контактирал со Фаучи и докторката Дебора Биркс, која е дел од работната група на Белата куќа за Ковид-19, и рече дека Буш може да се вакцинира пред камерите.
Ангел Урена, секретарот одговорен за јавноста на Клинтон, исто така, изјави дека поранешниот претседател сака јавно да се вакцинира за да ја охрабри јавноста.