За разлика од вторничкиот натпреварувачки ден во групната фаза во Лигата на Шампионите, оној вчера на гледачите им приреди вистински спектакл и ја врати повторно магијата на најквалитетниот клупски формат во Европа. Околностите во кои се наоѓаат фудбалските тимови, повреди на играчи, отсуства поради Ковид-19, безбројни ротации и на крајот од денот, недостатокот на публика на трибините, барем на момент како да го намалија квалитетот на фудбалот ширум континентот и возбудувањето кој тој го носи со себе.
Во средата во Лигата на Шампионите „пукаше“ на сите страни. Неверојатните потези на Нејмар против Манчестер Јунајтед, трилерот со седум голови во Истанбул, дебито на Стефани Фрапар како прва жена што суди меч во елитното натпреварување, беа засенети од играчот кој постојано се наоѓа на извесна мета за критика на јавноста и поради кој постојано се адресираат прашања кон селекторот на Франција, Дидие Дешамп.
Триесет и четиригодишниот Оливие Жиру во победата на Челзи од 0:4 и окончувањето на првото место во групата, постигна четири голови на „Рамoн Санчез Писхуан“ и го „потопи“ ултимативниот и последен шампион во Лига Европа. На перфектниот хет-трик на некогашниот шпиц на Монпење, стандардното „лева нога, десна нога, глава“, беше додаден и ударот од белата точка за да се претвори вечерта во „уан мен шоу“ и да ги добие конечно вечно потценетиот светски првак со репрезентацијата на Франција, насловните страници во сите медиуми.
Освен тоа што самиот факт дека еден фудбалер постигнал четири голови на највисоко можно ниво и тоа против сериозен противник од врвот на Примера и Европа, Оливие Жиру минатата вечер сруши и изедначи и неколку рекорди. Тој стана првиот играч на Челзи после Френк Лампард (против Астон Вила во 2010 година, Лампард се запишува во листата на стрелците четири пари) што постигнал четири голови на еден меч за клубот од западен Лондон и првиот воопшто играч на Челзи во историјата кој постигнал четири погодоци во едно европско натпреварување.
Со 34 години и 63 дена, Жиру е најстариот фудбалер во историјата кој постигнал хет-трик, веднаш после легендарниот Ференц Пушкаш (во 1965 година Пушкаш против Феенорд на 38 години и 173 дена забележува хет-трик).
Оваа победа го зацементира Челзи на првата позиција во групата Е со освоени 13 бодови од пет одиграни дуели. Севиља со три помалку се најде на втората позиција, доволна за пласман во 1/8 финалето, додека пак Краснодар со вчерашната победа од 1:0 на домашен терен, обезбеди европска пролет и 1/16 финале во Европа Лига.
Истанбул Башакшехир и Лајпциг во Турција беа дел од трилер со неизвесна завршница и седум голови. Јусуф Поулсен во 26-тата минута го отвори резултатот по додавањето на Марсел Сабицер, а Норди Мукиеле во 43-тата го удвои водството на Германците. Се чинеше дека ланските полуфиналисти во соблекувална ќе одат со комфорно водство, но расположениот Ирфан Кавечи имаше поинакви размислувања во длабокото продолжение на првото полувреме.
Поранешниот играч на Динамо Загреб, Дани Олмо, асистенцијата на Анхелино ја претвори во погодок во 66-тата минута, а само шест минути подоцна Кавечи по вторпат ја затресе мрежата на Гулаши. Турскиот репрезентативец сам „на грб“ го носеше шампионот на земјата и во 85-тата минута од двобојот го израмни резултатот постигнувајќи хет-трик. Скоро па совршената вечер за Кавечи и Башакшехир ја расипа норвешкиот фудбалер, Александар Сорлот. Шутот во 92-та минута го измами несигурниот Мерт Гунок и ги остави во живот шансите на тимот на Нагелсман за пласман во елиминационата фаза.
Второто дерби на „Олд Трафорд“ го одиграа фудбалерите на Манчестер Јунајтед и ПСЖ. По „рехабилитационата“ победа на Јунајтед на Башакшехир претходното коло, момците на Оле Гунар Солскјер се надеваа на продолжување на серијата и резервирање билет за 1/8 финалето. Финалистите од ланската кампања во ЛШ предводени од Мбапе и Нејмар не мислеа така. Уште на самиот старт од двобојот Нејмар ја затресе мрежата на индиспонираниот Давид Де Геа.
Некогашниот средњак на Шахтјор, Фред, во 23 минута доби жолт картон по „кошкањето“ со Паредес, акт кој во Премиер Лигата можеби ќе значеше и исклучување од игра. Дефлектираната топка по ударот на „џелатот“ на парижани, Маркус Рашфорд, заврши позади грбот на Кејлор Навас во 32-та минута. Вториот дел, мини-драма. Корнерот на гостите предизвика паника во редовите на Јунајтед кој не успеа да ја исфрли топката од својот шеснаесетник и да ја отстрани опасноста. Среќникот во таа мешаница беше бразилскиот дефанзивец Маркињос. Една минута по примениот гол, Фред несмасно стартува над противничкиот играч и заработува втор жолт картон. Дваесет минути пред крај на дербито исходот беше поприлично јасен.
На мизеријата во второто полувреме на „црвените ѓаволи“, крај му стави феноменалниот Нејмар во продолженијата на регуларниот дел. Бразилецот приреди мало шоу на повеќе од 50 метри оддалеченост од голот на Де Геа, повлече акцијата и ослободи простор кој неговите соиграчи и повеќе од добро го искористија. Акцијата како од учебниците ја егзекутираше токму тој што ја започна. Непосредно по завршувањето на дуелот, контроверзниот Нејмар изјави дека не пристигнал во ПСЖ за да игра во Европа Лига. Дали Нејмар ќе игра во Европа Лига или ќе вкрсти копја со најсилните во Европа, останува да видиме до следната недела. Ситуацијата во групата Х е крајно изеднаена и сите три екипи имаат по девет освоени бодови. ПСЖ со победа на Истанбул и дефинитивно го потврдува пласманот во понатамошната фаза, а Лајпциг со победа во Германија ќе го исфрли Јунајтед во второто по квалитет европско натпреварување.
Од останатите дуели во ЛШ, Дортмунд и Лацио одиграа мируљубиви 1:1, Клуб Бриж убедливо го порази Зенит со 3:0. Барселона и Јувентус со истиот резултат ги совладаа Ференцварош односно Динамо Киев.
д.ј
Фото:
goal.com
Twitter / @brfootball