Дебата: Поголема контрола во финансирањето на политичките партии и спречување на корупцијата – ММС
ММС

Објавено на: 07/12/18 11:08 AM

Дебата: Поголема контрола во финансирањето на политичките партии и спречување на корупцијата

Македонија има добра законска рамка за регулација на финансирањето на политичките партии. Сепак системот за контрола е расцепкан и не ги покажува неправилностите. Ова се заклучоците од денешната дебата на тема „Подобрување на моделот на финансирање на политичките партии“ во организација на Транспаренси Интернешнл и Националниот демократски институт.

Политички партии користеле средства од локални самоуправи за извршување на своите работи. Со дел од парите некои од нив купувале опрема за своите канцеларии. Ова се дел од случаите на недозволено финансирање на политичките партии во земјава, кои ги констатирала невладината Транспаренси Интернешнл. Претседателката на оваа организација, Слаѓана Тасева вели дека тие поднеле низа кривични пријави за ваквото незаконско финансирање, но Јавното обвинителство досега не постапило по ниту една од нив.

„Тие што даваат големи пари за партиите потоа очекуваат дека во нивна полза ќе се носат закони и одлуки, или ќе добијат предност при водењето на нивните бизниси“, посочува Тасева.

„Имавме загрижувачка ситуација на донација од граѓани и тоа беа непознати средства. Тоа беа граѓани кои не се ни вработени. Се согласувам дека некој може да не е вработен, а да биде богат, но треба да покаже дека платил данок. Потребно е да се создаде една надлежна институција за контрола на ова финансирање, но таа треба да има сериозни надлежности и да може да бара информации од сите институции“, додава таа.

Според неа, македонското законодавство за финансирање на партиите е добро, но проблемот е во контролата:

„Во  законите е уредено како може да се финансираат партиите. Тие се финсираат од државниот буџет и тоа го следи Заводот за ревизија, но системот за контрола е многу расцепкан за да каже кои се неправилностите и да донесе конкретна одлука. Имаме одредби и во Кривичниот закон кои не се функционални, бидејќи Обвинителството досега нема постапено по ниедна кривична пријава што ја имаме поднесено. Финансирањето треба да биде транспарентно и да има контрола над оние донации за кои има неодговорени прашања и не се знае од каде доаѓаат парите. Тука влегува корупцијата во системот“.

Дека законската регулатива е добра се согласува и министерката за правда, Рената Дескоска, но сепак таа смета дека треба да се работи на зајакнување на механизмите за имплементација на законските норми.

„Јакење на капацитетите значи зајакнување и на Антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија, судството и обвинителството. Тие се институциите, кои можат да придонесат за спречување на корупција и нелегално финанирање на политичките партии“, смета Дескоска.

Пратеникот Артан Груби вели дека ДУИ поддржува Закон кој ќе овозможи превенција за коруптивни начини на финансирање и нетранспарентно финансирање на политичките партии. Ова прашање, потенцира тој, треба да се уреди преку буџетот.

Законот за финансирање на политичките партии беше донесен во 2005 година. Тој ги обврзува сите политички партии во земјава јавно да ги објават донациите, а врз основа на тоа потоа добиваат и јавни финансии. Годинава, од Буџетот на државата биле издвоени финансии за 56 партии, но во април таквите пари секнале за 26 од нив зашто тие ненавремено ги објавиле извештаите, што претставува нивна законска обврска.