Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ го дочекува ланскиот финалист во Лигата на Шампионите во групата која ги oправда очекувањата и епитетот „група на смртта“. За разлика од онаа во која се очекуваше дека Реал Мадрид и Интер многу лесно ќе се пласираат во 1/8 финалето, во групата Х Манчестер, ПСЖ и Лајпциг до последно коло ќе се борат за влез помеѓу најдобрите.
Во пресрет на дербито на колото, тренерот на ПСЖ, Томас Тухел, искрено зборуваше за англискиот опонент и неговите фудбалери, а посебен акцент стави на крилниот напаѓач на „црвените ѓаволи“, Маркус Рашфорд. Рашфорд на „Паркот на принцовите“ во првиот дуел го реши францускиот шампион и му обезбеди на својот тим победа од 1:2. Англискиот репрезентативец има и мини-историја со Французите, бидејќи во 1/8 финалето во ова натпреварување пред две години, со гол од белата точка го елиминираше ПСЖ на гостински терен.
Поради тоа, Тухел внимателно говореше за него и неговите квалитети и малку се пошегува со него.
-Го цениме многу Рашфорд кога игра во Англија. На „Паркот на принцовите“…не баш. Бидејќи малку ни оди на „нерви“ поради последните два настапи против нас. Но ова момче се однесува доволно зрело, преземајќи одговорност и на теренот и надвор од него. Трипати се имам сретнато со него како противник и секогаш гледам во него скромна и добра личност. Од спортска страна, јасно е. Претставува огромна опасност, брз е, знае да постигне погодок и да заврши акција. Убаво е да се види како играчи од академија имаат таков импакт во голем клуб како Манчестер Јунајтед, изјави Тухел.
ПСЖ со победа вечерва ќе се изедначи со Манчестер на врвот на табелата со 9 освоени бодови.
Фото:
cricketsoccer.com