Приказната со часовниците на „оригиналниот“ Роналдо и Диего Армандо Марадона – ММС
ММС

Објавено на: 12/2/20 12:18 PM

Приказната со часовниците на „оригиналниот“ Роналдо и Диего Армандо Марадона

Светот остана во неверување по пристигнатите вести од Тигре, Аргентина, минатата седмица. Неполн месец по успешната операција на мозокот, никој не очекуваше дека на тој начин и од „ведро небо“ ќе згасне животот на аргентинската легенда.

На фудбалските терени низ целиот свет се оддаде и се оддава почит кон ликот и делото на човекот-игра, фановите на Бока и Ривер во прегратка се опростија од него, Лига Купот во Аргентина ќе го носи неговото име, а неговото име ќе го носи и стадионот на италијански Наполи. И тоа е премалку за она што тој го даде на фудбалот и честа што им ја овозможи на милиони да го гледаат неговото височество.

Од ден на ден, поранешни и сегашни фудбалери, спортисти и личности од јавиот живот, се потсетуваат на моментите поминати со него и раскажуваат и прераскажуваат приказни кои ја доловуваат неговата големина.

Една од тие приказни е и онаа на уште една фудбалска легенда од соседниот Бразил, „оригиналниот Роналдо“. Подарениот часовник на едно од вообичаените нивни дружење ќе му остане на Бразилецот засекогаш во сеќавање и радо ќе се навраќа на тој ден.

-Диего со него секогаш имаше два часовници и легендата вели дека тој без нив никаде не оди. Го прашав зошто носи два и тој ми одговори дека неговата ќерка му ги подарила и оттогаш никогаш ги нема извадено. На крајот од ручекот, тој извади еден од часовниците и ми го подари мене. Не сакав да прифатам, но тој се налути и немав друг избор, раскажа Роналдо.

Роналдо додаде дека Марадона бил негова вечна инспирација и часовникот ќе го чува до крајот на неговиот живот.

 

 

Фото:

thesun.co.uk