Пепе има иднина во Арсенал, вели Сол Кемпбел – ММС
ММС

Објавено на: 12/2/20 11:40 AM

Пепе има иднина во Арсенал, вели Сол Кемпбел

Од Лил дојде како најскапото засилување во историјата на клубот. Фудбалерот од Брегот на Слоновата Коска играше одлично во француското првенство и „топџиите“ се надеваа дека таквите игри Никола Пепе ќе ги пренесе и во Премиер Лигата.

Откако пристигна во Арсенал во ланскиот летен преоден рок, Пепе не ги исполни очекувањата. Особено не за играч платен 72 милиони фунти. На дваесет и петогдишнниот крилен напаѓач оваа сезона му е редуцирано регуларното време за игра, а шансата за докажување генерално ја добива во куп натпреварите и Европа Лига.

Но, не е така црно и загубено за Пепе, барем не според поранешниот англиски репрезентативец и освојувач на Премиер Лигата со Арсенал, Сол Кемпбел. Тој вели дека исклучувањето против Лидс ќе го направи подобар фудбалер и дека тренерот Артета верува во него и неговите способности.

-Не мислам воопшто дека тие направија грешка со неговото доведување. Микел Артета сака да работи со него, бидејќи е многу квалитетен и талентиран играч. Точно е дека направи некои работи и сега се кае, но верувам дека со малку среќа ќе се консолидира и ќе биде во ред, изјави Кемпбел за „Football Insider“.

На дуелот против лидс, Пепе со глава го удри нашиот репрезентативец Џани Алиоски и доби директен црвен картон што го оддалечува од терените три натпревари.

 

 

Фото:

football365.com