Авганистан: Австралиски војници пиеле од протеза за нога на мртов талибанец – ММС
ММС

Објавено на: 12/2/20 8:25 AM

Авганистан: Австралиски војници пиеле од протеза за нога на мртов талибанец

Австралиски војници, кои служеа во Авганистан, пиеле од протеза за нога на мртов талибанец во нелегален бар во таа земја, пренесува Агенција Анадолија (AA).

„Гардијан Австралија“ објави фотографии од австралиски војници, кои учествувале во акции против талибанците, со протетичка нога на милитант за кого се претпоставува дека е убиен во акција на подрачјето на Урузган во 2009 година.

Една од фотографиите покажува како војник пие од протезата, а на друга фотографија двајца војници позираат со протезите на забава.

Според некои изјави, на војниците им е категорично забрането да земаат и да чуваат „воени трофеи“.

Очевидци наведоа дека некои воени команданти знаеле дека војниците го користеле предметот на тој начин и не ги спречиле во тоа.

Во извештајот на генералниот инспектор на австралиските одбранбени сили објавен на 19 ноември се наведува дека австралиските војници кои служеле во коалицијата предводена од САД и НАТО намерно убиле 39 авганистански цивили во периодот од 2005 до 2016 година.

На крајот на ноември беше започната административна истрага против 13 војници за кои е утврдено дека извршиле воени злосторства во Авганистан.