Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска не одговори дали во училиштата ќе се воведе сеопфатно сексуално образование, таа напомена само дека се формира нова концепција за основното образование.
– Сите елементи кои што се потребни како знаење ќе бидат воведени, со тоа што се намалува бројот на предмети. Нема да додаваме нови предмети туку ќе има намалување и организирање на предметите на теми и поголем престој на учениците во училиште, за да може оние практични вештини кои што ги стекнуваат со курсеви за кои одредени родители имаат средства да платат, а одредени немаат, да може да ги стекнат во училиштата. Тоа се готвење, драма, поезија, ОТП кое беше укинато. Значи сето она што најголем дел се нуди како платени курсеви, сега ќе биде воведено во основното образование, рече Царовска по посетата на средното стручно училиште Коле Нехтенин во Штип.
Министерката информираше дека ваквата концепција треба да се пушти во дебата за околу еден месец, а наставните програми да се работат до март, за да може да се воведат од следната учебна година.
Онлајн наставата министерката вели дека е на задоволително ниво и се одвива во континуитет.
– Со вчерашен датум позитивни ученици со ковид-19 се 66 ученици што физички следат настава и 160 наставници. Тоа е 0,05 отсто од бројот на сите ученици и помалку од еден отсто од наставниците, рече Царовска потенцирајќи дека над 90 отсто од учениците се вклучени во онлајн настава.