Со месеци не им е исплатена прекувремената работа на вработените во центрите за јавно здравје во неколку градови – ММС
ММС

Објавено на: 12/1/20 11:15 AM

Со месеци не им е исплатена прекувремената работа на вработените во центрите за јавно здравје во неколку градови

Неколку месеци не им се исплатени надоместоците за прекувремена работа, а и понатаму се на првата борбена линија,  вработените во центрите за јавно здравје,  кои се под надлежност на подрачниот центар Велес. Тие обвинуваат дека се соочуваат и со проблем околу недостаток на возила. За пет центри на располагање имале само 4 возила, а пред само неколку месеци имале 15.

„Со директорката на центарот во Велес не можат да стапат во контакт ниту раководителите на центрите. Таа не одговара на нивните повици. Имаме информации дека сите наши колеги од другите центри за јавно здравје ги добиле парите за прекувремена работа“ реагираат вработени.

Тие обвинуваат и дека немаат доволно заштитна опрема. За да влезат на пунктот за земање на брисеви за корона вирус,  биле принудени наместо каљачи, на нозете да ставаат најлонски ќеси.

На нашите прашања, од министерството за здравство добивме одговор дека во однос на исплата на прекувремени работни часови, вработените се исплаќале  врз основа на испратен извештај за прекувремена работа,  со што технички им се признавале одработените работни часови.

Вработените пак се конкретни и појаснуваат дека и покрај евидентираната прекувремена работа, пари не им се исплатени неколку месеци.

Покривот на центарот за јавно здравје во Кавадарци е руиниран, прашање е кога истиот ќе прокисне. Но од министерството велат дека од велешкиот центар добиле одговор оти сите потреби кои во моментот се јавувале  во однос на реконструкција на инфраструктурата биле  планирани за следната година.

„Во однос на Личната Заштитна Опрема (ЛЗО), оттаму информираат дека за сите вработени имаат обезбедено доволен број на опрема согласно работните ангажмани, а просториите и технолошките апарати се санираат согласно потребите“ одговорија од МЗ на нашите прашања.

Ангел Данов