Оштетувања на белите дробови и по три месеци од прележување на корона, покажува истражување од Оксфорд – ММС
ММС

Објавено на: 12/1/20 10:43 AM

Оштетувања на белите дробови и по три месеци од прележување на корона, покажува истражување од Оксфорд

Ковид-19 може да предизвика абнормални промени во белите дробови кои можат да се детектираат подолго од три месеци откако луѓето ќе се заразат, покажа студија направена на Оксфорд.

Според Би-Би-Си, студија направена врз 10 пациенти со ковид користела нова техника за снимање на белите дробови за откривање на оштетување на белите дробови што не може да се види со конвенционалните методи на снимање. Новата техника користи ксенон гас при магнетна резонанца.

Пулмолозите велат дека тест што би можел да открие долгорочни промени во белите дробови, би значел голема работа за пациентите со ковид.

При снимање на белите дробови со новата техника, пациентите вдишуваат ксенон при магнетна резонанца.

Професорот Фергус Глисон, кој го водеше новото истражување, испроба нова техника за снимање на белите дробови на 10 пациенти на возраст од 19 до 69 години.

Новата техника откри оштетување на белите дробови кај луѓето кои се жалат на проблеми со дишењето

Осуммина од нив се пожалиле на замор и проблеми со дишењето три месеци откако биле заразени со коронавирус, иако никој од нив не бил на интензивна нега или на апарати за дишење, а конвенционалните методи на сликање не откриле проблеми со белите дробови.

Нова техника за сликање откри оштетување на белите дробови кај осум пациенти кои се жалеле на проблеми со дишењето или отежнато дишење. Сликите нагласуваат области каде кислородот не влегува лесно во крвта.

Овие резултати го поттикнаа професорот Глисон да ја испланира следната студија, која тој планира да ја спроведе на 100 лица за да утврди дали резултатите од првото истражување се валидни за луѓе кои не завршиле во болница или за оние кои немале толку сериозни симптоми.

Глисон планира да работи со општи лекари за снимање на луѓе кои биле заразени со вирусот и се во широк спектар на возрасни групи.

Целта на Глисон е да открие дали оштетувањето на белите дробови се јавува и кај такви луѓе и, ако е така, дали е трајно оштетувањето или е нешто што исчезнува со текот на времето.

„Очекував некакво оштетување на белите дробови, но не до нивото што го утврдивме“, рече Глисон.

Имено, ризикот од тешки симптоми на болест и смрт многу се зголемува кога болното лице е постаро од 60 години. Но, ако истражувањето открие дека оштетувањето на белите дробови се јавува кај луѓе со поширок опсег на возраст, па дури и кај оние на кои не им е потребна хоспитализација, тоа би променило многу, вели Глисон. Професорот Глисон верува дека оштетувањето на белите дробови откриено со МРИ-уред со помош на ксенон може да биде еден од факторите зад т.н. „долг ковид“ во кој луѓето пријавуваат дека се чувствуваат лошо со месеци по инфекцијата.

Преземено од: https://www.kurir.rs/