Здружение „Заедно посилни” по повод Светски ден на борба против Сида: Епидемијата на ХИВ сè уште активен проблем на јавното здравје – ММС
ММС

Објавено на: 12/1/20 7:38 AM

Здружение „Заедно посилни” по повод Светски ден на борба против Сида: Епидемијата на ХИВ сè уште активен проблем на јавното здравје

Интензивниот фокус на пандемијата на Ковид-19, не смее да ги намали напорите да се справиме со епидемијата на ХИВ, која сè уште е активен проблем на јавното здравје во државава и на луѓето засегнати од овој вирус, соопшти Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни” по повод 1 декември, Светски ден на борба против Сида.

Во согласност со насоките на Светската здравствена организација, посочуваат од Здружението, земјите мора да осигураат непрекината достапност на основните услуги за превенција и лекување на ХИВ-инфекцијата во рамките на ургентниот одговор кон Ковид-19, за што се неопходни соодветни ресурси и механизми.

Од Здружението се загрижени поради фактот дека годинава е значително намалена стапката на новооткриени случаи на ХИВ и досега изнесува помалку од половина од бројот на откриени случаи минатата година. Според Здружението, тоа може да се објасни со кризната состојба, но не смее да се занемари.

– Неопходно е значително да го зголемиме бројот на луѓе со ХИВ кои го откриле својот позитивен статус и почнале со терапија. Очекуваме буџетот за антиретровирусна терапија да се планира врз основа на потребите и да се сообразува со зголемениот број пациенти што имаат потреба од терапија секоја наредна година. Потсетуваме дека вкупниот број пациенти на терапија во последниве три години се зголемил за повеќе од половина во однос на состојбата од крајот на 2017 година. За ова прашање апелираме да се изнајде итно решение за 2021 година, додаваат од Здружението и изразуваат почит кон сите здравствени работници и соработници вклучени во одговорот кон Ковид-19.