Празниците се најубавиот период во годината. Добро, ќе се сложиме дека секое годишно време со себе носи својата убавина, но некако декемвриската празнична магија е поинаква. Можеби некој нема да се сложи со ова, но не можеме да го игнорираме тоа, кога во овој период од година таа празнична атмосфера е насекаде околу нас.
Оваа година самата ситуација наметнува да доживееме и да правиме нешто ново, а со кое ново ќе го заштитиме нашето здравје и здравјето на нашите најблиски. Поканата за гости или вие да заминете некаде на гости, оставете ја за некое подобро време. Социјализацијата и комуникацијата со луѓе во живо недостасува, посебно во овој период од годината кога правиме ретроспектива на цела измината година и запечатуваме добри и лоши спомени од изминатите 365 дена.
Да не зборуваме за оние кои имаат блиски роднини, кои не живеат во близина и кои обично празниците ги користеле да ги посетат своите најблиски, но и за нив постои начин како да им се заблагодарите што се тука за вас секогаш кога ви требаат и да ги изненадите, иако физички тоа не го дозволува ситуацијата – сепак границите се затворени.
Нашата идеја е да одберете подароци, да ги спакувате и да ги испратите преку пошта. Нека биде ова гест кој ќе предизвика радост и среќа, така ќе бидете и вие задоволни што сте изнудиле насмевка на нивното лице, и срце полно љубов.
Можеби и ова е моментот кога треба да ја активираме онаа добро позната новогодишна комшиска традиција, да напишеш честитка со искрени желби и да ја оставме на чергичето пред врата. Да заѕвоните на ѕвончето, и тивко да се повлечете. Така вашиот сосед/ка, пријател/ка, роднини/а носталгично ќе го потсетите на едно убаво време кога се негуваа поинакви вредности од денеска. Иако ова е една традиција која помладите не ни знаат дека воопшто постоела, ова можебие е моментот да ги научите и да им ја пренесете.
Г.Д