Брисел: Годинава речиси воопшто нема надеж за преговори поради бугарското вето – ММС
ММС

Објавено на: 11/30/20 3:23 PM

Брисел: Годинава речиси воопшто нема надеж за преговори поради бугарското вето

Повеќе високи дипломати од земји членки на ЕУ за МИА потврдија дека земјава речиси сигурно ќе биде блокирана од страна на Бугарија на следниот министерски совет на Унијата, на кој требаше конечно да биде усвоена преговарачката рамка, јави дописничката на МИА од Брисел.

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел се состанаа денеска да ги разгледуваат заклучоците што треба да бидат усвоени на 8 декември од страна на министрите за европски работи.

Од заклучоците е отстранета опцијата за вклучување на датум за одржување на првите меѓувладини конференции со земјава и со Албанија поради ветото на Софија за Скопје, датумите ќе бидат вклучени во самите преговарачки рамки кога тие ќе бидат усвоени, објаснуваат дипломатите од земјите членки на ЕУ.

– Со оглед на ситуацијата можам да кажам дека нема многу надеж за меѓувладина конференција и отпочнување на преговорите со Северна Македонија оваа година поради ветото на Бугарија, вели за МИА дипломат од западна земја членка на ЕУ.

Бугарија на денешниот амбасадорски состанок повторила дека нема да даде зелено светло за земјава на идниот министерски состанок на 8 декември.

За Албанија ситуацијата е нејасна, велат од Советот, поради тоа што на земјата уште во претходните министерски заклучоци и беа наложени дополнителни услови. Сепак одреден број земји членки сметаат дека треба „посилна одлука за Албанија”, но неизвесно е дали Тирана сепак ќе добие почеток на преговорите оваа година, велат дипломатите.

Земјите на ЕУ кои важат за поддржувачи на проширувањето, сепак сметаат дека крајните заклучоци треба да бидат поспецифични дури иако не се вклучи никаков датум.

– Консултациите продолжуваат на оваа тема, велат од Советот на ЕУ.

Амбасадорите треба повторно да се состанат в среда.