Во процес е исготвување модел за најавеното прочистување во правосудството, рече денеска министерот за правда Бојан Маричиќ при посетата на Казнено – поправниот дом во Штип, како одговор на новинарско прашање до каде е моделот и како ќе се одвива процесот на прочистување на судството во целина.
„Во процес е изготвувањето на тој модел или на таа методологија. Постојат повеќе аспекти кои треба да се докомплетираат, меѓутоа многу скоро ќе го имаме. Во принцип, откако се донесени законските решенија од 2019 година започнат е еден вид на филтрирање или прочистување, 8 судии се разрешени, 83 се во постапка, но нашата цел е тоа да биде еден појасен, транспарентен и конкретизиран процес. Работиме со тоа заедно за методологијата, за сложеност за предметите, да биде усвоено многу скоро, во наредните денови, недели во соработка со Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, бидејќи пред се тоа е нивна должност и обврска. Очекувам во скоро време да биде промовиран планот за прочистување и тоа пред Советот за реформи на правосудството“, рече министерот Маричиќ.
Тој потенцираше дека во работната група која го изготвува планот учествувале членови и раководството на Советот на јавни обвинители и поединечни експерти кои се уште работат на тоа. А како објаснување што се подразбира со „прочистувањето“, истакна дека место во судството ќе има само за професионалните, чесни и одговорни судии и обвинители.
„Она што е наша идеја е да има редовна динамична проверка на работата и на судиите и на обвинителите, која што во рамките на постоечкиот закон ќе овозможи зајакната транспарентност, одговорност и етика и во судството и во јавното обвинителство бидеќи само така можеме да ја вратиме јавната доверба. Тоа значи сите оние професионални, чесни и одговорни, судии и обвинители да останат во судството и да бидат наградени, а оние кои не работат пофесионално и одговорно или пак има докази дека намерно застаруваат предмети или потенцијална корупција да не бидат од судството“, појасни Маричиќ.
Г.Д