И пеам на Мишела и се топам од среќа кога ќе ми се насмее – Пејачот Мишко Крстевски не мисли на ништо кога е со внуката – ММС
ММС

Објавено на: 11/30/20 12:19 PM

И пеам на Мишела и се топам од среќа кога ќе ми се насмее – Пејачот Мишко Крстевски не мисли на ништо кога е со внуката

Да се биде дедо е навистина блажено чувство, вели популарниот фолк пејач Мишко Крстевски, кој веќе пет месеци пее песни на внуката Мишела и се топи. Ова се улоги кои животот природно ги доделува и за нив нема потреба од подготовка, едноставно доаѓа и на најубав можен начин се снаоѓаш. И уживаш. Нешто, вели Мишко за ММС, што буди неописиви емоции.

– Чудно е колку природата, односно тоа мало суштество, може да разбуди емоции, кои едноставно те водат и ти покажуваат што треба да правиш, и прифаќаш без да се снаоѓаш или да размислуваш- како сега? Те обзема такво чувство на љубов и милост, што не помислуваш на младост, старост.., на ништо. Мене, барем досега не ме плаши староста. Со Господ напред, подготвен сум сум синовите и снаите да ме направат дедо уште неколку пати. Навистина е чувство кое не се опишува со зборови, верувајте, сега му го разбрав вистинското значењето на зборот ” блажено “, вели Мишко.

Тој вели дека искрено се радува што внуката го носи неговото име. Иако не очекувал, сепак, не крие дека се гордее и дека на среќата и нема крај.

-Уф, секако дека ми е мило. Искрено малку се изненадив, бидејќи е име кое малку е невообичаено за кај нас ама мене ми звучи многу убаво. Кога со син ми отидов во болница за да си ги земе сопругата и ќерката, тогаш  прв пат ја видов внуката. Тогаш прв пат сфатив дека станав дедо. Убавина. Јас би рекол дека љубовта кон внуката има посебна емоција која не се споредува со љубовта кон децата. Кога си родител, кога си татко цел живот ги подигаш децата, ги пазиш, ги чуваш, вложуваш во нивниот социјален, образовен и психофизички  развој, а тоа само со бескрајна љубов е возможно. А ова е сосема нешто друго. А што може дедо да прави освен да му пее на внучето.  Секако и јас го правам тоа. Мишела има само пет месеци и грижата, секако е на снаа ми и син ми, живеат одвоено. Но јас и баба ѝ кога ќе ја држиме во раце и пееме песни, и се топиме од среќа кога ќе ни се насмее или ќе ни гугне. Пееме детски песнички секако, но јас не ја испуштам можноста да и запеам и од нашите убави народни. На пример најчесто и ја пеам „ Македонско девојче китка шарена“, вели дедо Мишко.

Мишко вели дека син му и снаа му супер се снашле во улогата на родители, па немало потреба тој да дели совети, како татко на син.

-Двајцата се познаваат многу добро и подготвени влегоа во улогата на родители. Што имам јас да кажа. Син ми и снаа ми се дружеа уште во средно музичко, со сватот се гледавме на родителски средби. И што јас да давам совет на дете кое сака едно девојче 10 години? Кога решија заедно да зачекорат низ животот јас само им посакав многу љубов, толеранција, меѓусебно разбирање и почитување… И, секако, Господ да е со нив, додава тој.