Четириесет и четири граѓански здруженија и иницијативи бараат закон кој ќе спречи создавање хидроцентрали на Шар Планина, а од Министерството за животна средина согласно член 97 од Законот за заштита на природа, да ја стави Шар Планина во привремена заштита.
Здруженијата потсетуваат дека на 20 ноември истече рокот за прибирање коментари во врска со Нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк. Според нив, доколку се усвои онака како што е предложен, овој закон ќе овозможи изградба на нови мали хидроцентрали на Шара во услови кога негативното влијание од постоечките хидроцентрали врз природните вредности, но и животот на локалното население, силно се чувствува.
-Доколку се реализираат зацртаните планови, во идниот национален парк ќе има најмалку 40 мали хидроцентрали! Имајќи предвид дека врз основа на овој закон ќе се изработи планот за управување со националниот парк, а кој се донесува за период од 10 години –Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, наместо долготрајна заштита, може да обезбеди законска рамка за долготрајно уништување, посочуваат здруженијата во заедничкото соопштение.
Со намера да се спречи усвојување на овој закон, овие граѓански здруженија и иницијативи испратија заеднички коментари до Министерството за животна средина. Тие бараат целосна ревизија на законот и негово усогласување со оваа определба, како и многу други стратегии, извештаи, кои исто така, како што појаснуваат во соопштение, предвидуваат крај на уништувањето на природата од страна на проектите за мали хидроцентрали.
– Сметаме дека закон кој овозможува продолжување на уништувањето на подрачјето кое го заштитува е спротивен на духот и целите на Законот за заштита на природата, од кој произлегува и кој би требало да го спроведе во практика, велат од здруженијата.б