Со дефиле од возила накитени со македонски и југословенски знамиња, фотографии на својот патрон и други обележја на социјалистичка Југославија, членовите на здружението „Јосип Броз Тито“ од Кочани денеска го одбележаа 29 ноември, денот на формирањето на заедничката држава.
Со почитување на протоколите за здравствена заштита го откажаа традиционалниот собир и свеченоста на која, преку краток историски час, потсетуваа дека на овој ден и земјава добила официјално признание на својата државност.
„ Поминаа 77 години од денот кога народите што живеат на дел од Балканот се обединија во заедничката држава Југославија, во која имаа рамноправност и сопствена државност. Се лажат оние кои мислат дека оттогаш почнало и осознавањето македонскиот народ за сопствениот идентитет. Чувството за засебност постоело од многу поодамна, а поради учеството на македонските партизани во антифашистичката борба заедно со другите братски народи, од која излегле како победници, нормално било и официјализирањето на македонската држава во рамки на тогашната СФРЈ. Тоа значи дека сме се избориле за ова што го имаме денес, бидејќи никој на сила не може да ти даде ништо, но може да ти го земе“, истакна Трајче Трендов, претседател на здружението „Јосип Броз Тито“.
Поради состојбата со пандемијата откажано е учеството на делегација на кочанските титовисти на традиционалната свеченост во босанскиот град Јајце, каде во 1943 година се одржало историското заседание на АВНОЈ.
фото-миа
МИА