Задолжително пензионирање на 64-годишна возраст – ММС
ММС

Објавено на: 11/29/20 9:17 AM

Задолжително пензионирање на 64-годишна возраст

Измените на Законот за работни односи со кои се предвидува задолжително пензионирање на 64-годишна возраст, поднесени од група пратеници, влегоа во собраниска процедура и го поминаа првото читање. Исклучоци во јавниот сектор ќе има за дефицитарни кадри од областа на здравството и во високото образование, но тоа ќе биде регулирано со други закони. Бизнисот бара одредбата за предвремено пензионирање да не важи за реалниот сектор, туку таму да се остави можност прашањето да се регулира договорно меѓу работодавачот и работникот, што е на линија и на предлагачите на законот и на Министерството за труд и социјална политика. Во измените на овој закон се предвидува задолжително пензионирање на 64 години, но, сепак останува можноста жените да се пензионираат и на 62 години, како што е регулирано во Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Според анализите кои ги направиле предлагачите во координација со Министерството за труд и социјална политика, до крајот на годинава возрасната граница за пензионирање со 64 години ќе ја достигнат околу 6000 лица. Но, како што појаснуваат, тоа не значи дека согласно предложените законски измени сите тие ќе одат во пензија, бидејќи дел од нив веќе имаат побарано продолжување на работниот однос.

„Според нашите анализи бројката на вработени како од јавен, така и од реален сектор збирно до крајот на 2020 година околу 6000 вработени ќе наполнат 64 години. Но, тоа не значи дека сите овие граѓани ќе одат во пензија. Дел од нив поднеле барање согласно актуелното законско решение до крајот на 31 август за продолжување на работниот век и после продолжување на наполнување 64 години, а кој се однесува на следната календарска 2021 година“, велат од групата пратеници кои се предлагачи на законските измени.
Досега на вработените им беше оставена можност да го продолжат работниот однос без притоа да се води сметка дали има потреба од тоа работно место или не. Вработениот доставувал барање и работодавачот морал да му го продолжи работниот однос. Најголем дел од барањата за продолжување на работен однос биле во јавниот сектор.

Ова решение, според предлагачите – група пратеници, ќе овозможи намалување на бројот на јавната администрација. Сепак, потенцираат, за местата кои се потребни, а ќе останат испразнети ќе се отвори можност за вработување млади и квалитетни кадри и ќе се спречи нивното напуштање на земјата.
Опозицијата реагира дека ова законско решение е противречно и оти може да се искористи за дополнителни партиски вработувања. Според нивните анализи не се во прашање само 6000 граѓани кои ја исполнуваат старосната граница до крајот на годинава, туку 10 илјади. Затоа бараат да се разгледа како пензионирањето на овие лица ќе се одрази врз Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и дали ќе може да го издржи напливот.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека Фондот е во добра кондиција и оти тој има проекции оти толкав број граѓани би можеле да заминат во пензија поради навршена старост од 64 години, бидејќи не знае однапред колку од нив би барале продолжување на работниот однос.

МИА

фото-kurir.rs