Уставниот суд ја објави одлуката со која на лицата Гоце Марковски и Гораст Муратовски, двајцата од Скопје, им е повредено правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност, во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија – пренесувапорталот Академик.
Гоце Марковски и Гораст Муратовски, двајцата од Скопје, застапувани од адвокатката Павлина Зефиќ,до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, кои се однесуваат на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност.
Според наводите во барањето, се вели во одлуката на Уставниот суд, на ден 29.7.2017 година подносителите на барањето, кои биле членови на политичката партија „Левица“, заедно со уште две лица организирале мирен протест за време на презентација на воената опрема на САД и АРМ. За време на настанот сакале да испратат порака со приложување на транспарент напишан на платно „Против војната за профити“. Целта на членовите на политичката партија била да покажат дека се против милитаризација на општеството, против милитаризмот што го шири САД со демонстрација на моќ во Македонија. Тие сметале дека со нивната парола испишана на платно ќе испратат порака за, како што тие наведуваат: „Со ова воено дефиле ние испративме директна покана до терористите, а како држава не сме способни да се справиме со едно поголемо невреме. Ние сакаме парите да се трошат на добро образование и на добро здравство.“
Тројца од лицата биле активни членови на политичката партија „Левица“, додека еден од нив бил граѓански активист и новинар во невладината организација „Цивил“. Тие се движеле низ плоштадот Македонија кон Триумфалната порта, каде што биле пресретнати од страна на полициските службеници при Министерството за внатрешни работи надлежни да го набљудуваат настанот на кој се презентирала воената опрема на САД.
Полициските службеници ги опоменале да заминат со транспарентот од плоштадот Македонија, по што лицата продолжиле кон Градскиот трговски центар – Скопје и се искачиле на вториот кат каде што се обидувале да го истакнат транспарентот со пораката. Во тој момент од страна на полициски службеници биле лишени од слобода со ставање на лисици на нивните раце. Во таа состојба биле држени околу 15 минути, по што, во координација со свои претпоставени, полициските службеници им ги извадиле лисиците од раце и ги легитимирале.
Нивното лишување од слобода, според наводите во барањето, било пречка за поставување на нивниот транспарент и за пренесување на нивната порака до јавноста. Настанот бил пријавен во Секторот за внатрешна контрола, криминалистика, истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи и Народниот правобранител на Република Македонија.
Со допис од 3.8.2017 година бр. 14.3.2.1162/15 и 14.3.2.1162/16 Секторот за внатрешна контрола ги известил подносителите дека по извршената контрола утврдиле дека претставките биле основани. Истовремено, со известието подносителите биле информирани дека против полициските службеници биле преземени дисциплински мерки во согласност со Колективниот договор на МВР и известено било и Основното јавно обвинителство.
Понатаму, во барањето се наведува дека постапувањето на полициските службеници надвор од нивните законски овластувања е попречување на уставно загарантираната слобода на јавно изразување на мислата (член 16 од Уставот), како и спротивно на член 54 став 4 од Уставот, каде што се наведува дека слободата на јавно изразување на мислата не може да биде ограничена, како што е во конкретниот случај.
„Дискриминаторското постапување на припадниците на полицијата со нивното преземање на физичка сила, со ставени лисици на рацете и нивно лишување од слобода, всушност го декларира институтот дискриминација со сите нејзини заштитни карактеристики и доведување на подносителите на барањето во неповолна состојба, нееднаква состојба, односно различен третман од сите присутни на настанот, каде како компаратор во конкретната ситуација се оние кои што покажувале воена опрема и јавно ја искажувале својата мисла и не биле понеповолно и различно третирани, ниту некое од нивните граѓански права било ограничено, за разлика од случајот со апликантите. Од утврдената правна и фактичка состојба, Судот утврди дека во конкретниот случај постои дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот на Република Македонија, јасен и ратификуван меѓународен договор, односно е сторена дискриминација по основ на политичка припадност на барателите во остварувањето на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата, со што се повредува членот 9, 16 и 21 од Уставот на Република Македонија, член 3 и 6 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и на член 14 в.в. со член 10 од Европската конвенција за човекови права“, се вели во одлуката на Уставниот суд.