Обвинителството поведе постапка за шверцот со цигари, поради кој беше уапсен градоначалникот Стојчев – ММС
ММС

Објавено на: 07/11/18 2:08 PM

Обвинителството поведе постапка за шверцот со цигари, поради кој беше уапсен градоначалникот Стојчев

Основното јавно обвинителство Струмица поведе постапка против пет лица за сторено кривично дело Криумчарење од чл.278 ст. 2 во врска со ст. 1 во врска со чл.22 од Кривичниот законик.

-Лицата се осомничени дека на 10.07.2018 година се обиделе да пренесат непријавена стока – цигари преку див премин на македонско-бугарската граница. Овластени полициски службеници сепак успеале да ги откријат и да ги сопрат на два километри од граничниот камен, при што во двете возилата со кои се превезувале пронашле 66 картонски кутии со околу 3.300 штеки цигари, во вредност од 3.245.589 денари.

Станува збор за криумчарење поголемо количество непријавена стока –  кривично дело за кое согласно Кривичниот законик, е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години.

Надлежен јавен обвинител до Основниот суд Струмица предложи определување мерка притвор за четири лица, додека за едно, од здравствени причини, се предложени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето/престојувалиштето, одземање на патната исправа и обврска за повремено јавување во суд.

Претходно СВР Струмица соопшти меѓу приведените е и градоначалникот на општина Ново Село, Боро Стојчев.