Патувајќи низ емоциите, пејачката Александра Јанева стигна до својата крајна дестинација – албумот во кој се „стокмени“ сите нејзини хитови создавани изминатите неколку години. Токму по еден од нив е и „крстен“ деби албумот на младата струмичанка, кој го носи името „Срце отвори“.
Ова беше и повод за најновото интервју на Јанева за Македонски медиа сервис, каде таа открива детали од албумот, но и од тоа како ја доживува актуелната пандемија.
Која е симболиката според тебе лично, на фразата Срце „отвори“? Што значи отвореното срце?
Јас сум прилично затворена личност на која скоро секогаш и’ е потребно повеќе време да се опушти, да ја разголи својата емоција пред публиката, а понекогаш дури и пред блиските. Самиот наслов и музиката на албумот – „Срце отвори“ е приказ на емоционалните патувања кои сум ги минувала сама и некаде по пат сум собрала храброст да и’ ги откријам на публиката.
Во објавата за албумот на социјалните мрежи наведуваш дека 2020-та година не’ научила да подзастанеме и да размислуваме. За што конкретно размислуваше ти, дали и какви лекции научи со новонастанатата ситуација која завладеа во цел свет?
Вирусот не` дочека неспремни, сите до еден и се’ уште не сме свесни за тоа што го преживуваме и какви ќе се последиците во иднина. Верувам дека паниката и неизвесноста не поштедила никого од длабоко размислување за тоа како можеме да го подобриме нашето постоење и во тоа да бидеме сплотени. Она што мене ми помогна периодов е фокус на квалитетна работа и нејзиното влијание врз општото добро. Тое е она што зависи од мене и можам да го контролирам, останатото е непредвидливо…
Колку музиката ти помага за пребродување на овие денови? Дали си потпевнуваш по дома?
-Искрено, кога сум дома понекогаш се чувствувам дека ќе заборавам како е да се пее, хаха. Предолга пауза од настапи кои кај мене беа на некој начин секојдневие и тоа не може да го замени пеењето по дома. Слушам многу музика, знам понекогаш и да запеам, но далеку помалку од она што го правев претходно. Седењето во четири ѕида не е премногу мотивирачко за пеење и споделување емоции. Но, за среќа често сум во студио, снимам нов материјал, па така некако си ја надополнувам таа празнина.
Видовме преработки на некои светски хитови, една од нив беше по повод твојот роденден. Дали се подготвува вакво нешто повторно, можеби како подарок за публиката за претстојните празници?
– Ќе одговорам кратко: Ми го откривте изненадувањето.
Имаш ли песна која ти е особено драга од оние што се најдоа на албумот?
– Секоја песна допрела до некого и затоа ми е посебна и драга. Многу често знам да се навратам на некоја од моите песни и повторно ја доживувам како да е нова, необјавена. Зар некој би можел да издвои најомилена песна од својот албум, oсобено од своето првенче?
Вања Мицевска