Жестоки, гласни, понекогаш и прегласни, а таа гласност проткаена со по некоја типична пцовка одѕвонува во сечија глава која се наоѓа долу на теренот. Навивачите од екс-ју просторите знаат да бидат, биле и се енергични, емоционални и стравствени, знаат да критикуваат и во секој од нив лежи по еден тренер, независно за кој спорт се работи. И тоа е така и тоа е вистина.
Но, постои уште една вистина за публиката од ова поднебје. Луѓето овде знаат да препознаат вредност, големина, мајсторство. А кога доаѓа од нив, доаѓа од срце и тогаш индивидуата или колективот со сигурност го допреле самиот врв.
Во 1982 година, Црвена Звезда во рамките на Купот на победниците на куповите ја пречекува шпанска Барселона на „Маракана“ пред приближно 90.000 луѓе. Белграѓани предводени од Бошко Ѓуроски и Душан Савиќ излегоа на мегдан со пресилната Барселона на чело со Бернд Шустер и секако, херојот на времето, Диего Армандо Марадона.
Аргентинецот брилијираше. Постигна два неверојатни погодици и ја оконча судбината на Звезда. Југословенскиот претставник солидно се „држеше“ дури и двапати ја погоди мрежата на Артола, но на крајот со 2:4 загуби од Каталонците и достоинствено го напушти теренот.
Достоинствено се однесуваа навивачите таа вечер на „Маракана“. Диего Марадона ја зеде топката на 40 метри оддалеченост од голот на домаќините, ја пренесе преку целиот терен и од работ на шеснаесетникот го „лобуваше“ голманот Стојановиќ и ја манифестираше својата величественост.
„Маракана“ стана на нозе и му се поклони на иконата. Аплаузите траеја подолго од пет минути. Југославија уште еднаш, овојпат одблизу имаше прилика да посведочи на фудбалскиот Бог.
Видео материјалот од таа спектакуларна ноќ во Белград можете да го видите во продолжение: