Женската иницијатива Женска слободна зона со обележување на јавните простори во градот Скопје, каде што најчесто се случува сексуално вознемирување на јавни простори, го одбележа 25 ноември, Меѓународен ден за борба против насилство врз жените.
Герила-акцијата е изведена на места, односно локации наведени од жени и девојки кои доживеале сексуално вознемирување на јавните простори во градот и кои пополниле анкета спроведена во октомври годинава.
-Со оваа акција, сакаме да ја подигнеме свесноста за оваа форма на сексуално вознемирување и истовремено да испратиме порака за солидаризација и заедничка борба против сите форми на вознемирување и насилство врз жените, велат од Женска слободна зона.
Женска слободна зона е иницијатива за зголемување на свесноста за сексуалното вознемирување на жени на јавни простори. Иницијативата е производ на желбата за солидаризација и заедничка борба против сексуалното вознемирување, уличното вознемирување и мизогинијата, како и на заложбите за изградба на мир во општеството преку намалување на родовиот јаз.