Плачка сум и не се срамам, од Тино имам секој ден солзи радосници – Со Катерина Цаневска за безграничната љубов меѓу баба и внуче – ММС
ММС

Објавено на: 11/27/20 10:25 AM

Плачка сум и не се срамам, од Тино имам секој ден солзи радосници – Со Катерина Цаневска за безграничната љубов меѓу баба и внуче

Полна сум со енергија и љубов, вели Катерина Цаневска, некогашна новинарка во МТВ и А1, познато телевизико лице, а денес дел од кабинетот на претседателот Пендаровски, почнувајки ја една од најубавите животни приказни на жената, а тоа е улогата на баба.  Иако делува строго, таква била и како мајка, но сега, вели таа, кога станува збор за внучето Константин, е сосема друга лучност, разнежнета и попустлива.   Таа за ММС го отвори срцето и сподели моменти од приватниот живот, кој малкумина го знаат, а го разбираат сите жени, мајки и, секако, баби.

Како се снајде во улогата на баба? Кое е она чувство кога од најмилото, најмилото ќе го земеш за прв пат во раце?

-Не верував, но се уверив дека внуците многу умешно го пополнуваат она место во вашето срце, за кое не сте ни биле свесни дека е празно. Константин тоа го направи во моето срце. Беше и е посакувано бебе, но не знаев како ќе реагирам. За време на бременоста на мојата ќерка стрепев, се радував, плачев и најверојатно бев здодевна секојдневно јавувајќи се и прашувајќи ја како е. Но, кога таа ноќ на пети март се јави зетот Никола и најспокојно  ми каже дека ја однел Маја во болница, срипав и веднаш со него отидов во болница. Докторката кога не виде не праша: „Што седите тука, па Маја веќе се поророди“. Наеднаш нешто се пополни во моето срце и се си дојде на своето место.

Колку внукот ти го смени животот, како млада баба?

-За тоа „млада“ благодарам. Ми го смени многу затоа што сега во животот има едно мало срце со кое се будиш и си легнуваш. Инаку јас секојдневно си ги завршувам работните обврски, но после работа секогаш собирам време за да го видам барем на кратко. Од кога е роден, кога не можев поради короната, а и сега навечер си седам и си ги прегледувам видеата и фотографиите со него, сакам да го слушам како гуга, да го гледам како се смее.

Млада затоа што жените не стареат, но како, пак, гледаш на изреката- баба, значи стара си?

-Јас не мислев дека ќе бидам толку горда и исполнета дека сум станала баба. За време на бременоста на ќерка ми велев јас нема „баба“ да бидам, туку „маје“, така се вика баба на влашки. Но, се ми дојде некако природно и кога прв пат ми кажаа дека сум баба. А стара не се чувствувам. Напротив полна сум со енергија и љубов. И што значи стара? Чувствата, како себе се доживуваш, колку се негуваш и колку обрнуваш внимание на својот изглед се многу битни. По дух, ај да не кажам и по изглед, Тино има баба во „најубави години“ .

-Каква е таа неописива љубов и поврзаност мегу баби и внуци? Велат внуче се сака повеќе од родено дете? Какви се тие солзи радосници?

-Чувството со збор не се опишува кога ќе дознаеш дека си добила рожба од твојата рожба. Особено што Тино е голем гушкач и многу позитивно дете кое се смее и радува на сите. Не верував кога ќе ми речеа- љубовта кон внуче е нешто посебно, но навистина е така. Јас, која не сум била многу попустлива, сум била остра, сега  велат не можат да ме препознаат. Точно е дека бабите не знаат да кажат не, да критикуваат, знаат само неизмерно да сакаат. Не дека се сакаат повеќе од сопственото дете, тоа е само позрела љубов. Инаку, јас сум позната плачка, па така солзи радосници за и од Тино имам секој ден и од тоа не се срамам. Тоа се солзи на исполнетост со неизмерна среќа и љубов.

Колку трае пандемијата толку месеци има внучето, па како функциониравте овој период. Сепак, поради работата мораш да бидеш во контакт со луѓе?

-Тино, како што го викаме нагалено од Константин, се роди на пети март оваа година, кога започнуваше стравот и се насетуваше каков предизвик ќе ни донесе корона кризата. Јас го видов на кратко во болница и кога го земавме од болница. Потоа, што ми беше најтешко, го гледав само на видеа и на слики. Често преку прозор од возило и срцето ми се кинеше. Затоа секојдневно апелирав и апелирам на социјалните медиуми, да бидеме одговорни и хумани. Да ги почитуваме правилата. Да се сакаме себеси и најмилите. Не можам да ги разберам оние кои велат вирусот не постои, па тој е секаде околу нас и е многу опасен и подмолен. Прв пат вистински го земав во прегратка на прошетка во парк, некаде во месец јуни, јас со маска, но сигурна сум дека ја почувствува и виде мојата огромна љубов. Неколку пати се тестирав, само да бидам сигурна дека можам  безбедно да го гушкам и држам во прегратка. Прв пат бевме кај брат ми на викендичка некаде во јули, откако бевме сигурни дека не можеме ништо да му пренесеме. Сега брат ми е дедо-вујче, кој неизмерно го сака Тино, но цел ден не ја вадеше маската. Исто и баба-вујна и тетка Тамара. Тино е дете опкружено со многу љубов. Затоа и сега, внимаваме максимално за да можеме, посакувам многу скоро, да можеме да се вратиме во нормалната нормала, да се гушкаме и да уживаме.

Кој совет го даде на ќерка ти кога дознавте дека ќе стане мајка, па и сега откако се роди внукот? Денес многу млади мајки велат дека чувањето на бабите е застарен метод?

-Па сега е многу полесно, бидејќи сите информации се достапни и некоја голема потреба од совети или солење памет немаше. Единствено  кога првите месеци ги гледав на видео, цело време, им велев да му го држат цврсто главчето или да му облечат чорапчиња.  Но, јас имам навистина прекрасен, вистински зет, крајно посветен на семејството, на кого не му е тешко ништо да направи за синот или по дома. Така што многу добро функционираа и во оние најпредизвикувачки месеци кога беа препуштени сами на себе и кога ниту ние, ниту другите баба и дедо, не можеа да им помогнат физички. Сами го бањаа, се грижеа сами за себе и во оние непреспиени ноќи. Маја и Никола се родители какви што може да посака секое дете и знаат што е најдобро за нивното дете.

Како се чувствуваше кога Константин за прв пат рече- бабо?

 

-Тоа е посебна приказна. Јас цело време му зборувам, а многу често му велев да каже баба. И нормално, бидејќи јас сум радио и телевизиско дете, со радио фоничен и упорен глас, бев доволно убедлива, па сега најчест збор да му биде- баба. Јас сакам само да бидам важна личност во неговиот живот, да се чувствува безбедно и сакано со мене.