Каракачанов ја поздрави „храброста“ на Заев: Не се доволни изјави, ни треба писмена гаранција – ММС
ММС

Објавено на: 11/26/20 3:23 PM

Каракачанов ја поздрави „храброста“ на Заев: Не се доволни изјави, ни треба писмена гаранција

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов денеска го поздрави ставот на премиерот Заев и храброста да зборува за заедничката историја. Иако го нарече „мал чекор во правилна насока“, сепак смета дека не треба да верува на изјави туку на дела.

Според него доколку Македонија продолжи „со брзи чекори“ да оди напред, веќе следната година би можела да ги започне преговорите со Европската Унија.

– До пред два месеци беше незамисливо да слушнеме некои од работите кои тој ги кажа за заедничката историја и за заедничките херои. Ова е чекор напред. Историјата е заедничка, но треба да појасниме како. Заедничка, но сепак бугарска, изјавил Каракачанов на прослава на Националниот воен универзитет „Васил Левски“ во Велико Трново, а пренесува „БТВ“.

Каракачанов истакнал дека на Бугарија и се потребни јасни гаранции, наместо усно – да има писмен документ.

– Самиот процес на преговори е долг, тој може да биде и десет години, но за да дадеме согласност да започне ни треба писмен документ. Сакаме овој услов да биде во договорот со Европската Унија и да е јасно дека ние можеме да го запреме процесот на преговори доколку договорот меѓу земјите не се почитува од нивна страна, вели Каракачанов.

Според него Бугарија мора да си ги заштити националните интересите и иако се мала држава во ЕУ, тие мора да имаат достоинство и свое право да го бранат.