Внимателно со суплементите: Имунитетот не се „билда“ наеднаш, потребни се здрави животни навики, апелира д-р Јовичевиќ – ММС
ММС

Објавено на: 11/25/20 9:54 PM

Внимателно со суплементите: Имунитетот не се „билда“ наеднаш, потребни се здрави животни навики, апелира д-р Јовичевиќ

Со употребата на суплементите за зајакнување на имунитетот треба да бидеме многу внимателни – советува Тамара Јовичевиќ, специјалист по имунологија на Клиничкиот центар на Црна Гора, наведувајќи дека соодветниот внес за овошје и зеленчук е незаменлив.

Таа додава дека здравите животни навики се клучни за нормално функционирање на имунолошкиот систем и на организмот воопшто.

Не можеме имунитетот да го „набилдаме“ одеднаш кога почнува есента, кога се плашиме од респираторни инфекции. Клучно е целиот живот да го посветиме на развивање здрави навики кои ќе го подготват имунолошкиот систем во секој момент соодветно да се бори со инфекциите – објаснува докторката. Според неа, соодветниот внес на свежо овошје и зеленчук како неопходен извор на витамини и минерали е незаменлив и не може да се спореди со кои било суплементи.

Како што смета таа, за добриот имунитет придонесуваат и физичките активности, престојот на сонце, пред се’ поради Д витаминот, како и квалитетниот сон, колку што  е можно повеќе во соглaсност со обврските и околностите.

И умерениот тренинг е многу корисен, но не треба да се претерува. Она што можете да го направите е да не седите пред телевизор до два по полноќ, доколку наутро треба да одите на работа. Тешко е да се исполни сето ова, но можеме да се потрудиме – изјави Јовичевиќ.

Таа смета дека од клучна важност е да се елиминираат штетните навики, особено пушењето:

„Здравите навики се градат цел живот и од нив не треба да се откажеме. Можете да пиете и по пет ќесички Ц витамин, но ако тој ден пушите по две кутии цигари, ништо не сте направиле. Пазарот е преполн со различни суплементи и преку рекламите многу од нив нудат магија. Суплементите не се под контрола како лековите. Може да ги купите и без рецепт, не пишува колку и кои непосакувани ефекти може да ги предизвикаат“.

Она што според неа, не може да штети и што во многу ситуации се препорачува, се суплементите со витамин Ц, цинк и кај лицата со дефицит, витамин Д.

Витаминот Ц има бројни корисни ефекти. Тоа е моќен антиоксидант кој придонесува за намалување на прекумерните инфламаторни реакции кои во неконтролирани услови доведуваат до оштетување на ткивата и органите, што е забележано како еден од механизмите кои може да доведат до лош исход кај ковид пациентите.

Таа додава и дека престојот на сонце е клучен за витаминот Д, а помали количини од овој витамин може да се обезбедат и преку храната.

Секогаш можете да го измерите нивото на витаминот Д со биохемиски анализи и постојат јасно дефинирани вредности според кои се одлучува дали имате нормално ниво на витамин Д, дали имате дефицит на овој витамин или повеќе одошто треба. И според тоа, се дозира витаминот.

Лицата кои немаат дефицит на овој витамин, а го внесуваат превентивно, треба да бидат внимателни при дозирањето, бидејќи може да дојде до предозирање што има сериозни последици.

Препорачаната дневна дза на витамин Д за возрасни лица е од 600 до 800 IU дневно, но се смета дека е безбедно и д две илјади IU дневно, што во суштина се препорачува во зимските месеци кога сме помалку изложени на сонце.

Говорејќи за пациентите кои се заразени со коронавирус, таа изјави дека потребата на организмот од витамин Ц во таква ситуација е зголемена со оглед на интензивниот инфламатрен одговор.

Апсолутно оправдано е во терапијата на пациентите да им се дадат поголеми дози од витамините Ц и Д, особено кога знаеме колку добро може тие да влијаат на имунорегулацијата.

 

Фото:  PR Centar

Извор:  vijesti.me