Речиси не постои ден во кој кошаркарските фанови во земјава не се потсетуваат и зборуваат со пиетет за таа 2011 година и фамозната Литванија. Скоро една деценија подоцна, од врвот во Европа, македонската кошаркарска репрезентација практично и да ја нема на кошаркарската мапа. Во пресрет на квалификационите дуели против Естонија и Италија за Европското првенство во 2022 година, за mms.mk поранешниот предводник на легендарната генерација, Марин Докузовски, искрено зборуваше за ситуацијата со македонската репрезентативна кошарка, но и за приликите односно неприликите во клупската кошарка во Македонија. Докузовски не штедеше зборови ниту за неговиот ученик на кормилото на Работнички, Димитар Мираковски и ни откри во што се состоеше формулата за успехот во 2011 година.
Каде е и што прави Марин Докузовски?
-Moментално сум во Работнички. Тука сум како шеф на стручниот штаб, му помагам на Мираковски со првиот тим и раководам со младиот погон на Работнички. Со еден збор, главен координатор за сите работи поврзани со клубот.
Македонската кошаркарска лига се чини дека во последните неколку сезони го крена нивото на квалитет и компетитивност. Покрај стандардните Работнички и МЗТ, Гостивар се јави како тим кој може да се бори за титула и е на дофат до неа, а тимовите во долниот дел од табелата не се под дифолт фенерџии како во минатото. На што се должи тоа и кое е вашето мислење за македонската клупска кошарка?
-Што се однесува до клубовите други, освен МЗТ и Работнички, мислам дека со ваучерите на клубовите им се овозможи полесно да дојдат до финансии. Освен Гостивар, силен тим направи и Пелистер, според мене еден од главните фаворити за освојување на титулата, навистина квалитетна екипа. Тоа е добро за кошарката во Македонија, добро за развојот. Едно е кога одиш на натпревар за кој знаеш дека однапред го имаш добиено, а друго е кога постои изедначеност и неизвеснот. Друга работа е правилото со двајца домашни играчи во петорка. Меѓутоа, да бидеме искрени, има многу ситуации каде што овие македонски играчи треба да го заслужат епитетот и местото. Тука треба да се направи корекција. Не е работата само да се има домашни играчи, работата е да се намали старосната граница за да имаме просперитет. Не е поентата 35 годишни кошаркари на крај на кариера, кои бараат и високи плати, да ја исполнат квотата на тимовите. Би ја намалил границата, да има двајца домашни играчи во прва петорка, но до 25 години на пример.
Како гледате на работата на еден од вашите ученици и поранешни играчи, Димитар Мираковски, во Работнички?
-Мираковски беше одличен кошаркар. Јас кога сметав кој треба да биде мој наследник, се одлучив за него затоа што мислам дека е еден од играчите кој ја познаваше кошаркарската игра и додека играше. Талентиран е како тренер, да бидеме искрени, не е исто да си играч и тренер. Треба да помине време, да се стекне искуство. Додека сте играч мислите само на себеси и на играта, сега тоа се менува, се менува неговата улога. Треба да мисли на 12 играчи, да мисли како екипата да победи, да ги решава нивните проблеми, сосема друга ситуација. Јас тврдам дека тој е најталентираниот тренер во Македонија. Оваа му е втора година, лани се прекина првенството, оваа година стартуваше многу добро во нашата лига. Имавме проблеми во АБА 2, но за 14 дена изигравме седум меча. Тоа е премногу. Не сме такви клубови со финансиска можност да создадеме два ростери и да имаме по 14-15 играчи кои ќе можат да ги поднесат тие напори. Впрочем тоа е проблемот на сите македонски клубови. Оваа сезона во АБА 2 е далеку поквалитетна од минатата.
Македонската кошаркарска репрезентација на „балон“ турнирот ги започнува своите квалификации за ЕП 2022. Естонија во некои други подобри времиња би била лесен плен, додека пак со Италија би биле рамо до рамо. Сега улогите малку се променети. Какви се вашите прогнози и дали имаме добри шанси за пласман на големото натпреварување?
-Во овој момент е толку неблагодарно да се зборува. Дури и селекторот Тодоров не знае што има на располагање. Одиме таму ослабени. За нас Нено Димитријевиќ значи многу. Од друга страна, Естонците се без половина тим од оној што настапуваше во Скопје. Италија ќе игра со пет дебитанти. Пандемијата ги отежнува околностите. Во Естонија може да има публика, но само 250 луѓе, што значи дека ќе играме исто како на неутрален терен. Тоа е голем плус за нас, со публика ќе имавме помалку шанси. Таму губеле и посилни репрезентации од нас. Затворен тип, балон, половина тим од Естонија нема да игра, немаме друг избор. Наша шанса е да се победи Естонија. Многу значи враќањето на Бојан Трајковски исто така. Дуелот со Италија и не е толку важен колку што е важен овој. Мора да одиме на победа, не можеме да потцениме, ниту да прецениме. Играчите тоа го знаат. Добро е што ги имаме браќата Стојановски и Симоновски од онаа генерација од Литванија. Имаат искуство, знаење, знаат како треба.
Пред скоро една деценија во Литванија го остваривме историскиот подвиг и не само како случајно изненадување на кое му се поклопиле некои коцки, туку играјќи квалитетна и европски модерна кошарка. Таков успех, особено за помали држави, треба и мора да претставува одлична основа за дополнително развивање на кошарката и напредување од циклус во циклус. Тоа со нашата репрезентација не се случи. Зошто регресиравме и зошто не ги зграбивме плодовите од „четвртото место во Европа“?
-Најголем проблем после Литванија беше тоа што не се искористи моментот. Ние имавме тогаш квалитетен тим, навистина. Многу стручњаци го кажаа тоа и пред Европското. Божо Маљковиќ на турнирот во Словенија пред ЕП, каде што ние бевме последни, кажа дека Македонија ќе биде главно изненадување. Бевме компактни, секој си ја знаеше својата улога и место. Имавме квалитет. Меѓутоа, помина што помина и ние ништо не искористивме. Во тие млади категории, се отвораат приватни школи каде што се гледаше само личниот интерес и финансиската страна. Постоеше интерес од младите после тоа првенство за кошарката, за жал не се искористи моментот да се создаде кошаркар или кошаркари кои ќе ја наследат таа генерација. Имаме деца и штом ќе „пркнат“ заминуваат во странство. Очекуваат подобри услови. Македонија требаше да создаде подобри услови, од тренерски кадар па до кошаркарски основни услови. Се живееше на стара слава, а времето оди. Добар си колку што ќе го одиграш последниот натпревар добро. Од четврта сила во Европа дојдовме до ситуација во која не можеме да се квалификуваме за Европско првенство. Не се инвестираше во кошарката како што треба.
Во недостаток на резултат и прогресивност, честопати сакаме и со радост се навраќаме десет години наназад на таа фамозна Литванија. Што беше клучот за тој успех? Индивидуалниот квалитет, кој за волја на вистината беше со целиот обем присутен, колективот пред поединецот, нешто помеѓу?
-Кога ќе го погледнете нашиот тим, ние игравме со шест-седум играчи. Се знаеше кој и што. Немаше љубомора, дали МекКелеб ќе дава кошеви, дали Владо Илиевски ќе му асистира нему. Антиќ беше еден од најдобрите дефанзивни играчи. Затоа се продаде после и во Олимпијакос. Имавме поединци кои го најдоа своето место во тимот. Имавме хемија. Бидејќи едно е да тренирате клуб, а друго е да тренирате репрезентација. Кога тренирате клуб играчите се платени и тие ги извршуваат задачите за да земат плата. Во репрезентација е поинаку. Ние бевме без еден денар. Не знаевме како ќе патуваме. Се беше од љубов. Е таа љубов треба да се валоризира. Се погодија карактери, имавме почитување, имало секакви тешки ситуации, но сите се сплотивме, бевме како едно семејство. Се знаеше кој е татко, кој е стрико, кој е вујко и кој е внук. Така дојдоа и резултатите. Јас бев најсреќен и најзадоволен, бидејќи долго се подготвував за Европското, затоа што бевме добри во континуитет. Показател за тоа дека нешто се работело. Ако земеме од кошаркарска гледна точка, најподготвени бевме на мечот со Црна Гора. Го спречивме Пековиќ, загубивме несреќно. Кубуревме со високи играчи, тие направија 18 грешки со нас. Игравме феноменална одбрана. Потфрливме во напад, не погодивме чисти шутеви. Пријателскиот меч со Германија непосредно пред почетокот на ЕП беше значаен да се види дека тргнавме напред. Психолошки после Црна Гора останавме стабилни и утредента ја поразивме Хрватска, една од главните фаворити за медал на првенството.
Улогата на тренерот, стручниот штаб е многу важна. Тешко беше, секој ден патуваш, мораш да подготвиш анализа за секој опонент. Би рекол 20 непреспиени ноќи за нас. И можам да ви кажам дека ниту еден меч не изигравме иста одбрана. На секој се прилагодувавме на противникот. Бевме една од ретките репрезентации со толку малку примени поени по меч. Одбраната беше клуч на нашите резултати. Србија прими 100 поени од Литванија, ние ја поразивме во четвртфинале со примени 65. Со Словенија примивме само 58 коша, тоа не може да е случајно. Во напад може да играте еден до два натпревари, на третиот не може да ви тргне шутот. Тешко се погаѓа нон-стоп. А одбрана може да играте секогаш. Само треба да имате желба и да го иполнувате планот.
Се прашувате понекогаш „што ќе се случеше доколку Дамјан го постигнеше оној кош“?
-За мене лично како тренер, ако го гледате двобојот со Русија ќе видите дека последниот напад кога Русија дава кош изигравме добра одбрана и Биков практично од немајкаде шутира и постигнува поен. Имаш и среќни и несреќни моменти. Тоа е спортот. За мене не е дилемата дали Дамјан ќе даде или не, меѓутоа да играше Гечевски гарантирам со живот дека на тој меч ќе ги победевме. Тие го имаа Мозгов кој беше физички многи силен, но не можеше да брани пик енд рол, Чековски се замори од борбата со Мозгов и немаше кој да го замени, се трошеше. Да беше Гечевски, тие два-три пати ќе погодеше сигурно.
Ние кога се појавивме таму на почеток не бевме во центарот на вниманието. Подоцна ја добивме љубовта од сите. Дури и Литванците кои ги поразивме не сакаа. Тоа е најважно. Како што одминуваше времето, така и медиумите ни обрнуваа внимание. Јас не можев да се движам од новинари и интервјуа. Ме боли што тоа не го искористивме.
Какви се вашите долгорочни проекции за македонската кошарка на клупско и репрезентивно ниво? Како можеме да стигнеме, односно да се вратиме на точката во која барем накратко македонската кошарка беше референтна на големата сцена?
-Мора да играат Македонци во наше првенство. Друго е да играат децата кај нас, тука да станат играчи. Тоа е прво. Не да има домашни играчи на 35 и 40 години, границата мора да е до 25 години за да се произведат играчи за репрезентација. Клубовите во Македонија имаат голем проблем, бараат веднаш да се постигне нешто, а не создаваат услови за тренинг. Имаме тешки услови, особено на зима за тренинг. Најголемиот број од салите на зима се студени. Подобро да се прекине лигата зимно време, па нека се игра до јуни. А не само колку да помине редот. Тренерите исто така не смее да бидат изложени на толкав притисок. Доаѓа спонзор и веднаш сака тренерот да се покаже, доведувајќи му странци и барајќи инстант успех. Подобро нека има помалку странци, квалитетни, за да научат децата од некого.
Давор Јосифоски
Фото: Вангел Тануровски