Владата излезе немоќна, а се чини и без политичка волја пред дрското непочитувањето на владината уредба од страна на Агенцијата за електронски комуникација. Со оваа владина уредба, која има сила на закон, се ослободуваат радио станиците од плаќање на надоместокот за радио фрекфенции, како анти – ковид мерка.
Додека Владата одлучи да ја премолчи суперионоста на богатиот АЕК, радио станиците беа ставени пред свршен чин – или ќе си премолчат и платат, или ќе им се прекине сигналот, а со тоа ќе престанат со работа. Тоа беше ултиматумот што го испорача АЕК до медиумите, кои одвај успеваат да го преживеат овој тежок период на здравствено – економската криза.
Соочени со затворање и престанување со емитување на сигнал, Асоцијацијата на приватни електронски медиуми на Македонија (AПEMM) ги информира радио станиците дека на повиците и дописите нема никаков одговор од ресорното Министерството за информатичко општество. Во исто време, од страна на претседателот на комисијата на АЕК, Стевица Јосифовски биле известени дека не можат да го убедат директорот Сашо Димитријоски да ги сторнира фактурите.
Владината уредба ги ослободи радијата од плаќање надоместок, меѓутоа директорот на АЕК Димитријоски одбива да ја изврши, со образложение дека фактурите веќе се пуштени и по реакција на Државниот ревизор, тој е должен да ги наплати.
-Тоа е погрешно толкување и АЕК може да ги сторнира фактурите и да ги ослободи радијата од надоместокот, така како што предвидува владината уредба, рече денеска во телефонски разговор, Максим Ацевски, директор на Државниот завод за ревизија. Сторнирањето на фактурите не повлекува одговорност на директорот на АЕК, откако ќе се повика на владината уредба, смета првиот државен ревизор.
По препорака на државниот ревизор, АПЕММ ќе поднесе жалба до Генералниот секретаријат на Владата за непочитување на донесена владина уредба од страна на АЕК.
-Заклучуваме дека притисокот на АЕК да не ја почитува Владината одлука и заканите за одземање на дозвола и употребувајќи сила како регулаторно тело се реалност и Владата на РСМ е немоќна против АЕК, пишува АПЕММ во дописот до радио станиците.
Со ова, „капитулираа“ радијата пред моќниот и богат АЕК, но, пред се „капитулираше“ Владата, која излезе немоќна пред агенцијата.