Георгиев за забраната за влез во Црна Гора: Ова е срамна одлука на „режимот во заминување“ на Ѓукановиќ – ММС
ММС

Објавено на: 11/25/20 3:00 PM

Георгиев за забраната за влез во Црна Гора: Ова е срамна одлука на „режимот во заминување“ на Ѓукановиќ

Српскиот пејач Владо Георгиев не е загрижен за десетгодишната забрана за влез во Црна Гора. Тој за српски „Данас“ тврди дека тоа е последен потег на „режимот во заминување на Мило Ѓукановиќ“ и дека ваквата одлука е правно неиздржана бидејќи е во спротивност со црногорските и меѓународните закони.

Иако Министерството за внатрешни работи на Црна Гора ја усвои жалбата на адвокатската канцеларија која го застапува Георгиев и го поништи решението за забрана за влез кое беше издадено непосредно пред тамошните избори, Управата на полицијата на Херцег Нови сепак повторно воведе забрана за влез на музичарот и тоа во траење од 10 години.

– Тоа како што гледате е одлука на администрацијата на Демократската партија на социјалистите и Мило Ѓукановиќ. Освен што е срамна е нереална сама по себе, во исто време е и еклатантен пример на кршење на правата загарантирани со Устав и меѓународните стандарди. Јас оваа „брука“ ја доживувам како јасна порака на поранешниот режим – за тоа на што се спремни и како доколку се вратат на власт ќе се пресметуваат со неистомислениците, па и со србите, вели Георгиев за „Данас“.

Според него наративот кој ДПС го спроведува повеќе од две децении е отворено антисрпски.

– Негирање на србите и православието е долгогодишна цел, исто како и промена на историјата. Тие со години србите се обидуваат да ги прикажат како окупатори и агресори, но без разлика дали некому тоа му се допаѓа или не, србите се најмногубројни во Црна Гора, оценува пејачот.

На крајот на август годинава, на Георгиев на границата со Црна Гора му беше врачено решение за забрана за влез во земјата, со образложение дека е закана за безбедноста на државата.

– Велат дека постојат факти кои и се познати на Агенцијата на безбедност според кои јас сум многу интересна личност за безбедноста – во превод криминалец, терорист и многу опасен човек. Јасно е дека се работи за мојот јавен став и несогласувањето со нивната политика, вели Георгиев за „Данас“.

Тој инаку често изразува негативни ставови за премиерот Мило Ѓукановиќ и неговата Демократска партија на социјалистите. За последните избори Георгиев дури и на своите социјални мрежи самостојно водеше кампања против него, повикувајќи го народот да гласа за која било друга опција.