Дополнителни 30 термини за брзи тестови за ковид 19 од денеска се достапни за кавадарчани преку матичните лекари, информираше директорот на болницата д-р Диме Коцев. Тој нагласи дека со оваа новина се очекува многу по брзо да се дијагностицираат новите позитивни случаи на корона вирусот.
-Од денес почна амбулантата за брзи тестови. Заради потребите од биолошка сигурност, амбулантата се наоѓа во лабораторијата на здравствен дом. Матичните лекари можат да им закажат термини, изјави д-р Коцев.
Тој информираше дека во функција на гинеколошко акушерскиот оддел е набавен нов апарат за анестезија, преку донации од две компании. Со новиот апарат е заменет стариот апарат кој бил во функција цели 45 години.
-Новиот апарат е наменет за оперативната сала на гинеколошко акушерското одделение. Вредноста на инвестицијата е 32 илјади евра и е целосна донација од компаниите ДМ од Скопје и ИГМ од Кавадарци. Со тоа овозможуваме поголема безбедност за нашите родилки, од една страна и од друга страна, поголема сигурност за работа на нашите колеги и медицинскиот персонал во оперативната гинеколошка сала, бидејќи оваа одделение и во ковид криза, работи непречено. Минатата недела имавме 14 раѓања, од кои 7 беа со царски рез, а беа извршени и 10 хируршки интервенции, вели д-р Коцев.
Во болницата преку донации се набавени уште пет апарати за ув дезинфекција на воздухот и работните простории во болницата.
Ангел Данов