Мајка ми не дочека да ми ја направи роденденската торта- Со Михаела Довичинска за болката низ која поминува семејството по смртта на Руменка(41) – ММС
ММС

Објавено на: 11/25/20 1:41 PM

Мајка ми не дочека да ми ја направи роденденската торта- Со Михаела Довичинска за болката низ која поминува семејството по смртта на Руменка(41)

„Рекоа дека за три дена ќе се знае дали навистина причината за смрт на мојата мајка е лекарска грешка или не, но поминаа 10 дена и сеуште ништо. Веројатно се чека „секое чудо за три дена“ и дека ќе помине, ќе се заборави. Но, ако тие забораваат, ние никогаш нема да заборавиме. Јас сеуште добивам пораки од луѓе со поддршка да не се откажуваме. Не ми се верува колку многу  луѓе ми се јавија да ми кажат, да ми изразат сочуство. Јас знам дека здравството не ни е како треба ама дека е до толку не сум знаела. Читајќи ги искуствата на другите луѓе верувам дека не е само мајка ми, не е само за неа да нема кислород, туку верувам дека се има случено и на други. Ама очигледно не прават ништо“.

Ова го вели Михаела Довичинска од  Митрашинци, беровско,  ММС, чие семејство е неутешно поради смртта на нејзината мајка Руменка (41). Тажниот и очајнички пост на Михаела ја крена државата на нозе, бидејќи на својот Фејсбук профил напиша за, како што вели, негрижата на медицинскиот персонал во штипската болница, каде, според пораките на мобилниот телефон, мајка и молела за кислород.

Руменка Довичинска, мајката на Михалеа која почина во штипската болница

Семејството Довичински сеуште неможе да свати дека го нема столбот на нивната куќа, се уште собираат документи за, како што вели Михаела, во зависност од извештајот ќе одлучат дали ќе тужат или не. А до тогаш Михаела само ги чита пораките за поддршка и, за жал, иако се малку, сепак, има и такви кои велат дека сето ова го прават за популарност. Токму од тие причини Михаела посака да раскаже низ што поминува семејството, нејзиниот татко Сашко (47), брат и Милан (19) и таа, која има само 21 година и на која, како што вели, мајка и и била најголемата поддршка во животот.

-Не дека мајка ми сега веќе не е меѓу нас, па јас сега да зборувам само убави работи за неа, туку било кој да прашате ќе ви го каже истото. На сите сакаше да помогне. Особено на нас. И да немаше, таа ќе го создадеше. Таква мајка беше. Премногу ми недостига. Секое испиено кафе наутро без неа, бидејќи секое утро ме будеше- Михаела ајде кафето е готово. Немаше нешто за кое таа немаше решение. И за најситното, најобичното нешто. И да прашавме каде е тоа, таа веќе го нашла. Деновиве толку многу ни недостасува, што едно нешто го бараме по половина час, а да беше таа тука ќе го најдеше веднаш, вели тажно Михаела.

Руменка со сопругот Сашко

Руменка била жена со големо срце, сакала да помага на сите, не само насвоите деца. Михаела вели дека нејзиното срце било хумано, и со последните пари знаела да донира ако видела дека некој е болен и му треба помош.

-Последното ќе го дадеше. И да го нема ќе го создаде. Нејзината љубов никој не може да ја замени. Доволно ќе ни беше само да е тука, да седи, ништо да не прави,  да ја гледаме и да и кажеме колку ја сакаме. Пак ќе кажам, не дека ми е мајка, па јас сега да зборувам најубаво за неа, туку е така. Постојано купуваше подароци за сите. Пред некој ден седевме со наши роднини и сите велат-еве јас ги носам панталоните од неа, друг друго што му купила. Кај сите остави свој дел. Знам дека тоа не го правела за некоја корист туку од срце, сакала, мислела на сите.  Што да кажам, толку многу ни недостасува. Не само на мене, туку и на брат ми и татко ми, раскажува низ солзи Михаела.

Михаела и брат и Милан се студенсти во Скопје. Таа студира фармација, додека брат и е прва година на војната академија.  Таа, поради пандемијата учи онлајн, додека брат и е во Скопје. Тој со мајка му не се видел од 14 сепември, тогаш кога на прославата на питомците ја направиле и последната заедничка, семејна фотографија.

Последната семејна фотографија на семејството Довичински

-Од 14 септември се немавме видено сите заедно поради ситуацијата. Ние рековме да не доаѓаат со татко ми во Скопје, бидејќи е таква состојбата и дека само половина час ќе трае посетата, но таа рече: „Ако е и една минута јас морам да го видам“. Тогаш ја направивме последната заедничка фотографија. Искрено не зам како ќе се навикнеме да живееме без неа. Татко ми е скршен, нема што да каже. Претешко му е. Многу тешко ја поднесе загубата. Нам ни е мајка, претешко е ама сме студенти и ке продолжиме по патот, ама тој. Се обидува да биде силен за нас. Не требаше вака да биде, навистина прерно замина. Што виде таа на 41 година од нејзиниот живот. Сега ми е роденден, на 13 декември и прв роденден ќе ми биде без неа. Ќе биде точно еден месец откако не напушти. Секоја роденденска торта таа ми ја правеше, никогаш не сме нарачувале. Ја планиравме и оваа торта ама не дочека да ми ја направи. Во Скопје живеам со цимерки и кога ке дојдам дома таа ќе направи пити за сите. Цимерките ми велеа: „Каде ја најде таа твоја мајка што волку убаво готви“, вели Михаела и додава:

-Секогаш не учеше мене и брат ми да бидеме добри со сите и мислам дека успеа во тоа. Ако ништо друго јас и брат ми сме на вистинскиот пат благодарејќи на неа и татко ми. И се надевам дека нема да ја разочараме. Сигурно и било претешко последните часови, бидејќи да можела да издржи ќе издржела, за нас. И во последните часови од животот успеа да ми се јави. А знам дека и секогаш ќе биде со нас и ќе се грижи за нас, само што ние нема веќе никогаш да ја видиме.  Недостасува многу, барем само да ја гледавме покрај нас, ништо друго да не правеше. Неа буквално никогаш ништо не и беше тешко. Јас не се сеќавам ниту еднаш да кажела: „не можам“, секогаш можеше се за нас. Колку и да била изморена, колку и да и било тешко, бидејќи знам дека имало и такви моменти,  секој ги има,  таа беше секогаш тука за нас. Особено јас, не изгубив само мајка,  ја изгубив мојата најголема поддршка за се во животот,  мојата најголема мотивација,  и човекот на кој можев да му кажам с во секое време. Не можам да објаснам колку многу ми недостасува нејзинио повик, бидејќи постојано се слушавме секој ден. И никогаш нема да го заборавам  последниот разговор со неа, никогаш нема да заборавам дека последните нејзини сили ги искористи за да ми се јави. Иако не успеавме да се разбереме, бидејки едвај зборуваше, сепак, најде сила и ми се јави,  низ солзи раскажува Михаела.

Ова што сега го раскажува Михаела не е само да раскаже колку е голема нивната болка, вели секој има и секој ја носи својата болка на свој начин. Но, доколку навистина е лекарска грешка, сака да знаат каков пустош е оставено зад тоа.

Михаела со мајка и Руменка

-Знам дека не сме само ние, дека секој си ја носи својата болка, но навистина е претешко. Знам дека многу се најдоа во иста или слична ситуација, ама секој ја чувствува неговата болка. Знам дека ова не е за утеха, нема потреба да не теши некој и да ни каже дека ќе помине. Знам дека нема да помине. Не е скршен телефон, па ајде ќе одиме утре да купиме нов. Ова не поминува и многу е болно. Душата ја распарчува од болка. Деновиве низ глава ми се вртат само спомените со неа. Со каква гордост зборуваше за мене и брат ми. Јас студирам фармација и ветувам дека никогаш нема да бидам како некои од медицинскиот персонал. Се надевам дека еден ден навистина ќе биде здравството како треба. И навистина нека не го сваќаат ова како секое чудо за три дена. Не е. Ова е болка која трае и нема да помине. Тие може и го имаат заборавено случајот со мајка ми ама јас нема да го заборавам, бидејки не е фер и за нас и за сите мајки, татковци и семејства кои ќе се најдат во оваа состојба. Мене навистина сеуште ми пишуваат луѓе со поддршка. И не го правам ова за популарност, оти тоа мене што најмногу ми треба веќе го немам, рече за крај Михаела.

Весна Миленковска