Коронавирусот влијаел на промената на потрошувачите навики на македонските е-купувачи и 36 проценти од нив го зголемиле обемот на онлајн купување. Од почетокот на кризата е забалежан раст од 177 проценти во онлајн трансакциите кон домашните е-трговци. Најголем предизвик за е-трговците е ниското ниво на дигитални вештини на населението, а потоа наоѓањето квалификуван кадар, беше истакнато денеска на конференција за е-трговија „Е-трговија и Ковид-19: Предизвици и можности!”, што се одржува онлајн, во организација на Македонската асоцијација за е-трговија.
Е-трговците дале просечна оценка 4.2 за тоа дека КОВИД-19 отвори можности за раст и развој на е-трговијата, а 3.6 за тоа колку ги искористиле можностите. Како резултат на кризата 10 проценти го намалиле бројот на вработените, 22 проценти го зголемиле, а 15 проценти затвориле дел од физичките локации. Вкупната продажба се зголемила кај 46 проценти, а се намалила кај 29 проценти од е-трговците.
Како што истакна на презентацијата на анализата, претседателката на Асоцијацијата, Нина Ангеловска, земјава е рангирана на врвот (после Косово) по ниско целокупно ниво на дигитални вештини на населението.
-За 59 проценти од е-трговците, најголем предизвик претставува ниската дигитална писменост на населението, а на второ место е наоѓањето соодветен кадар. Најголема бариера е ниското ниво на свест и навики за онлајн купување и недовербата, информираше Ангеловска.