Луѓе болни и сиромашни а институциите глуви и слепи за нивната мака – Живот во поинаква Македонија преку искуството на Здружението „Надеж-Надеж“ – ММС
ММС

Објавено на: 11/23/20 10:14 PM

Луѓе болни и сиромашни а институциите глуви и слепи за нивната мака – Живот во поинаква Македонија преку искуството на Здружението „Надеж-Надеж“

Ако сакаш да дознаеш како вистински изгледа животот во Македонија, тогаш запрашај ги хуманитарните здруженија, кои секојдневно се среќаваат со разни тажни судбини или лица заборавени од институциите. Тоа е една поинаква Македонија, каде тешко се живее. Со такви судбини секојдневно се среќава и хуманитарното Здружение „Надеж“ од Прилеп, кое засега  е женско, во кое покрај четирите дами Васе Благадуша, Биљана Глигорова, Викторија Петреска и Маја Божиноска, кои го основале, члеуваат и од други градови од државата. Се што прават за оваа една година, додека постојат го направиле само поради нивното хумано срце. Така и почнале, но како им се проширила работата, како им се јавуваат се повеќе и повеќе луѓе за помош, така имаат потреба од простор, автомобил и се што е потребна помошта да се достави на вистинското место.

-Постоиме една година и како се проширува работата, така ние имаме потреба од простор. Досега се што правевме правевме од своите домови, но секојдневно се јавуваат луѓе за помош па затоа  баравме помош од  Општина Прилеп, од Владата и кабинетот на Пендаровски. Баравме да ни се додели магацински простор, возило за донации и патни трошкови. Општина Прилеп ни вети но сеуште сме без одговор.  А тоа во моментов ни е приоритет, вели Васе Благадуша, претседателка на Здружението.

Хуманитарките ги имаат оставено своите броеви за помош или пак од нивната Фејсбук страна  луѓето ги наоѓаат и им бараат рака за помош.

-Или не бараат на телефон или на Фејсбук, или, пак, се консултираме со социјалните служби. За ова време сме се соочиле со многу тажни приказни. Секое семејство си има своја приказна. Најмногу не трогнуваат приказните на дечиња болни од некоја болест. Никој кој има срце и душа не може да остане рамнодушен на овие тажни приказни од животот на луѓето.  Најмногу се гордееме на неколку дечиња каде сме помогнале со собирање парични средства за нивни операции.

Има повеќе приказни. Најмногу не потресе кога посетивме едно девојче од Прилеп, 15 годишната Наташа, која 15 години ја хранат преку респиратор за хранење. Иако и другите приказни се тажни, низ цела држава има луѓе заборавени од  надлежните институции. Многи пати ни дошло преку глава, на вакви животни приказни не можеш да останеш рамнодушен, но наша награда е насмевката на луѓето, нивното благодарам, нивната солза радосница.

Иако сме разочарани од сите  негативни поддршки на инстуциите бидејки тие се и слепи и глуви за маката на овој сиромашен народ во време на ковид- 19, сепак ние не се предаваме и ке продолжиме со хуманата мисија. Сепак Господ е голем и тој ни ги дава сите морални поддршки, вели Благадуша.