Израелски медиуми: Нетанјаху тајно ја посети Саудиска Арабија и се состана со принцот Бин Селман – ММС
ММС

Објавено на: 11/23/20 8:55 PM

Израелски медиуми: Нетанјаху тајно ја посети Саудиска Арабија и се состана со принцот Бин Селман

Израелските медиуми јавуваат дека премиерот на земјата, Бенјамин Нетанјаху, синоќа тајно ја посетил Саудиска Арабија и се состанал со нејзиниот престолонаследник Мухамед бин Селман, а советникот на Нетанјаху за социјалните медиуми, Топаз Лук, не негираше, туку во голема мерка индиректно ги потврди медиумските тврдења, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Израелските медиуми тврдат дека Нетанјаху и шефот на разузнавачката служба Мосад, Јоси Кохен, синоќа одржале таен состанок со Бин Селман во саудискиот град Неом. На состанокот наводно присуствувал и шефот на американската дипломатија, Мајк Помпео.

Истите извори ја објавија и рутата по која наводно се движел авионот на Нетанјаху, кој од Тел Авив полетал во 17 часот и се вратил во тој град по пет часа.

Советникот на израелскиот премиер Нетанјаху, Топаз Лук, на Твитер објави кратка порака со која не го негираше пишувањето на израелските медиуми за тајната посета на Саудиска Арабија, а многу аналитичари таа порака ја сметаат за индиректна потврда на медиумските наводи.

„Додека Ганц се занимава со политика, премиерот гради мир“, напиша Лук во пораката што привлече големо внимание кај израелските медиуми, кои и претходно пишуваа дека Израел се обидува да започне преговори за нормализација на односите со Саудиска Арабија.