Данил Медведев на Завршниот Мастерс во Лондон „го исчисти“ подот со фаворитите и го освои неговиот најголем трофеј во кариерата. Тој со 2:1 во сетови (4-6, 7-6, 6-4) го порази и другиот „убиец на големи тенисери“, Доминик Тим, откако во полуфиналето му пркосеше на Рафаел Надал и преку него се пласираше во големото финале.
Медведев на турнирот во Лондон играше феноменално. Разновидноста во играта и адаптацијата на опонентите му донесоа предност во резултатски тесните двобои и на крајот сепак му ја донесоа „победата на неговиот живот“, како што рече и тој самиот.
Русинот после победата изгледаше како човек кој штотуку загубил, а не добил на таков начин големо финале. Емоциите си ги задржа за себе, ги испразни џебовите со резервните топчиња, му честиташе на Тим и ја чекаше завршната церемонија.
Запрашан зошто е тоа така и зошто не се израдувал на стариот и добар манир, Медведев изјави дека тоа е негов начин и дека без разлика на големината на победата и трофејот, тој секогаш ќе биде ист.
-Toa е моја работа. Во тенисот сум веројатно единствениот, ама во фудбалот сум гледал играчи кои исто така не прославуваат. Така одлучив на US Open, кога имав мали проблеми со публиката, рече Медведев.
Победата на Медведев на Мастерсот во Лондон, можеби ќе значи и едно ново поглавје во тенисот и влегување во новата ера тенисери кои ќе ја водат оваа игра во следните десеттина години, со оглед на тоа дека триото Федерер-Надал-Ѓоковиќ е на залезот од кариерата.
Фото:
essentiallysports.com