Поранешниот тренер на Чарлтон, Палас и Вест Хем, на нова задача во Софија – ММС
ММС

Објавено на: 11/23/20 6:22 PM

Поранешниот тренер на Чарлтон, Палас и Вест Хем, на нова задача во Софија

Човекот со огромно премиерлигашко „си-ви“, кој остави печат на почетокот на овој век во најдобрата светска клупска лига во екипите на Њукасл, Кристал Палас, Вест Хем и Чарлтон, се приклучи на бугарскиот прволигаш ЦСКА Софија.

Но, овојпат Пардју нема да ја извршува функцијата на тренер, туку тој ќе биде новиот технички директор во бугарскиот клуб.

Педесет и деветогодишниот стратег последно менаџираше во Холандија, а пандемијата на коронавирусот и прекинот на првенството во таа земја, предвреме го принуди да го напушти Ден Хааг.

Ова за него ќе претставува прва работа од ваков тип, бидејќи Пардју досега низ професионалната пост-играчка кариера се наоѓал исклучиво на клупата. ЦСКА Софија е можеби и најголемиот фудбалски клуб во Бугарија со освоени 31 лигашки трофеи.

-Сега Пардју е дел од нашето големо црвено семејство. Ќе ни помогне со неговото искуство и контакти во развојот на клубот и привлекувањето фудбалери во овој тим, стоеше во соопштението на клубот.

ЦСКА Софија се наоѓа во групата А од овогодинешната кампања во Европа Лигата и има забележано три порази од толку одиграни дуели.

Фото:

chroniclelive.co.uk