Траумите беа големи, две години не можеше да ја слуша брзата помош- – Искрено со Сузана Турунџиева за (не)приликите што ги носи животот – ММС
ММС

Објавено на: 11/23/20 12:46 PM

Траумите беа големи, две години не можеше да ја слуша брзата помош- – Искрено со Сузана Турунџиева за (не)приликите што ги носи животот

Радост, солзи, тага, разочарување, среќа, па љубов, бракови,  мајчинство и на крај млада баба.. Сите овие улоги што ги носи животот сакала или не исправено ги игра Сузана Турунџиева, пејачката, водителка, писателка, а сега професорка.  Сузе секогаш е подготвена отворено да зборува за се, па така и овој пат за ММС  искрено проговори за умешноста како да се смееш и кога ти се плаче. За почеток, секако, од последната улога.

Како се снајде во улогата на баба?

-Верувај јас никогаш немав време да „влегувам“ или да излегувам од некои улоги кои животот без некоја најава ми ги додели. Но, кога веќе ја коментираме, улогата на баба ми е најдрагата од сите кои ги живеам. Долги години тивко си страдав поради тоа што доцна станав мајка, но ете, животот ме сакал, ме слушнал, и решил да ми компензира, па ме награди со титулата „млада баба“. Тоа е таа чудесна математика на Универзумот, кому сум му благодарна многу затоа што ми овозможи да го добијам најубавиот подарок за мојот 50ти роденден – внукот Јаков.

Вистина ли е дека внуче се сака повеке од дете?

-Па не верувам. Можеби го сакаш и му се радуваш со една друга димензија на сакање, со искуството кое си го насобрал низ годините, па го анализираш со смиреност и трпение секој негов плач, немир и сакаш да надокнадиш се што не си успеал со своите деца, кога си бил растргнат помеѓи обврските како млада мајка, потребите на детето и стравот дали ќе успееш да бидеш доволно добар родител.

Со оглед на твоето животно искуство, кој е советот што го даде на Лора, кога реши да се омажи и да си оформи свое семејство, па и кога стана мајка?

-Лора е многу одговорна и свесна девојка – жена – мајка. Таа свесно одлучи да влезе во брак со љубовта на нејзиниот живот. Јас ги сослушав и ги поддржав во одлуката. Во љубовта не постојат правила, ниту пак има правилник според кој треба да знаеме кога е вистинско време за брак. Ја посоветував единствено да го почитува семејството во кое влегува, да биде добра сопруга, да прашува се што не знае, да не се срами ако нешто не знае,  а за тоа дека ќе биде супер мајка ми беше јасно од секогаш, бидејќи таа од малечка премногу сакаше да чува и гали мали бебиња.

Последните години ти се случија многу животни пресврти, и тага и радост. Колку те сменија лично тебе. Колку ти го сменија начинот на размислување за животот и приоритетите?

-Ох, не знам навистина. Пак ќе речам. Мене животот не ми даде за ништо доволно време да се подготвам… Ни за лошото, ни за доброто.  Јас, како самохрана мајка, на која навистина и се случија многу грди сценарија, немам време да седам и да се жалам, ниту пак да барам некој да ме теши, да ме сожалува или да биде одговорен за моите животни неприлики. Во ниеден момент не подлегнав на ситуациите, на животните неправди и загубите, особено поради фактот дека се додека некој друг сеуште зависи од мене, јас немам право да покажам слабост. Воспитана сум да се борам, да гледам напред, да се потпирам само на себе и секоја пречка на патот да ја претворам во мост, преку кој ќе го надминам неповолниот период.

Ја почна шестата деценија, но изгледаш како девојка. Како се одржуваш? Која е тајната на твојот добар изглед?

-Музиката, јогата, здравата исхрана и непрестаниот контакт со природата ми помагаат во одржување на добриот изглед. Секогаш велам, и пак ќе речам. Во денешно време е лесно да го средиш твојот надворешен изглед. Но многу труд е потребно да го средиш твојот внатрешен „изглед“. Тој е мојот приоритет, да бидам добро во себе, со себе… Кога тоа функционира, лесно е да го менуваш и усовршуваш твојот надворешен изглед.

Научи ли да бидеш „добра во себе“, бидејќи тоа најтешко се учи?

-Да. После се научив. Долги години се критикував себе си, се обвинував себе си, го планирав животот за иднина не мислејќи на сегашниот миг, додека не сфатив дека животот е сега и тука. Во тој момент сфатив дека се можам и се ќе успеам само доколку акцентот го ставам на сегашниот миг. Сега и овде. Така сфатив колку е добро да бидеш со себе и да си бидеш себе си најголемата поддршка.

 Поминаа четири години откако почина твојот сопруг Марјан. Колку е тешко човек да се навикне да живее без некој кој многу му значи? Како се смирува, намалува болката?

-Животот на се те навикнува… Сакал ти, или не сакал да ја прифатиш реалноста, секојдневието не ти дава многу простор за да се прашуваш: Како сега понатаму и зошто сето ова баш мене мораше да ми се случи?! Празнината си стои, болката од време навреме е поприсутна и посилна, и не дека се навикнуваш на самотијата, туку едноставно учиш да живееш со нечие отсуство… Го сфаќаш тоа како неминовност, судбина од која нема бегање…

На вториот ден  од неговото заминување почна да ја пишуваш книгата “Не вели збогум”, во која зборуваш за чиста и безусловна љубов, за човекој кој најмногу те сакал и те научил да сакаш…  Колку е тешко  да се надмине ваква тага или човек се учи да живее со неа?

-За жал, цел живот учиме… И тоа учиме лекции кои никогаш не ни паѓало на памет дека ќе треба еден ден  да ги научиме… Од оваа временска дистанца се прашувам како сум имала сила да пишувам за него, за нас, за многу убави и тажни моменти од нашата голема и исклучителна љубовна приказна?! Мислам дека „Не вели збогум“ е резултат на таа моја немоќ и очај кој јас го живеев во првите недели без него… Повеќе од сигурна сум дека ако не го напишев тоа во првите денови, немаше да можам да ги преживеам тие тешки и болни деноноќија… Пишувањето ми помогна да преживеам…

Колку оваа книга ти беше поттик за да ги напишеш другите понатаму и колку во нив има автобиографија?

-Секоја една книга е мое патување… Некогаш патувам сама во мислите, некогаш со главните јунаци… Благодарна сум на Бога што ми го даде тој талент за да можам да си дозволам таков луксуз да патувам каде сакам, колку сакам и со кого сакам во моите романи…И со секое наредно патување ( пишување книга) јас сум се побогата и поблагодарна на животот.

Како ја пополнуваш емотивната празнина и како после ваков губиток човек се учи да живее?

-Музиката, хуманоста, сликањето, пишувањето, јогата, патувањето и пешачењето се мојот иљач за сите неволји, празнини и таги. Благодарение на овие мои таленти, јас немам време да бидам осамена, незапослена, или пак да ми е здодевно… Мене секој ден ми е краток, дури и сега во овие блесави пандемиски денови јас секоја вечер правам план за утрешниот  ден, поставувам предизвици и се трудам да го направам денот продуктивен и полн со активности и реализирани предизвици.

На Фејсбук постојано споделуваш твои  мисли. Која е најубавата мисла за жената што си ја кажала?

– Биди дама и кога си сама.

А сама си­?

 

-Сама сум. Всушност не сум сама, покрај мене има толку многу добри луѓе и затоа немам време да бидам сама и осамена.  Осаменоста е состојба на луѓе кои така одлучиле, да бидат осамени. Мојот живот е мисија, во која вклучувам души слични на мојата и многу сум му благодарна на животот што таквите души наоѓа начин како да ми ги донесе на мојот пат.  Немам време да мислам на онаа другата самотија, се што правам толку многу ми го исполнува животот, што немам потреба да размислувам, барем засега на маж во мојот живот.

Како живеете со Матеа во време не корона? Како двете сами си го построивте животот?

-За среќа, ние со нас си ја зедовме и баба Блага – мојата мајка. Племето ни е мало, ама многу силно. Матеа учи од дома, а многу често и јас работам од далечина, така да успеваме колку што можеме  да се заштитиме од можни ризици и опасности, а со тоа да ја заштитиме од вирусот  и мојата мајка . За среќа сите три сме добро организирани и секоја си ја знае својата обврска по дома. Матеа е веќе многу поголема, поодговорна, и во пандемијава созреа најмногу. Свесноста и одговорноста и се многу силна страна и затоа е задоволство да разговараш и да се договоараш за било што со неа. Исто како со возрасен човек.Заедно вежбаме јога, учиме пиано, цртаме, готвиме и онлајн учиме странски јазици.

Колку ти беше тешко да ја научиш Матеа дека “тато повеќе го нема“?

-Беше потребно многу долго време а нејзиното страдање беше толку болно за мене и бев осум месеци посветена само на нејзиното емотивно заздравување и желбата кога повторно ќе ги видам нејзините очи насмеани. Ама нејзините трауми беа толку многу големи што таа две години не можеше да го слуша звукот на брзата помош и постојано ме проверуваше како ми работи срцето и колку ми е висок или низок притисокот. Со многу љубов, разговор и психолошка поддршка дојдовме до моментот кога сфативме дека тато е среќен горе на небото кога не гледа нас среќни и токму поради него секогаш пуштаме музика на најгласно за да може тој до небото да не слушне. Дури му испративме и порака во шише во кое го информиравме се за тоа како сме и што правиме за да не се грижи тој за нас. Го фрливме во шишето со порака во Егејското Море, бидејќи небото и водата немаат граница, убедени дека таму некаде во бескрајот тато ќе ја добие и прочита пораката.

Дали пандемијата придонесе уште еднаш да се соочиш сама со себе и да смениш нешто во животот?

-Да. Пандемијата е огромно животно училиште кое никој не мислевме дека ќе го учиме и ако нешто има вистина добро во сите овие наши стравови и ограничувања е токму тоа што најдовме време да се соочиме со себе си, да се запрашаме до каде сме и што правиме, колку сме исполнителни и праведни кон себе и кон другите и верувам дека многумина научија дека не е важно дали сме ние добро туку дали се и тие околу нас добро. Бидејќи мојата среќа не може да биде целосна доколку луѓето околу мене не се среќни.

Весна Миленковска